Продолжен рокот за пријавување на штетите од поплавите до 7-ми септември

02.09.2016 16:48

До 7-ми септември продолжен рокот за пријавување на штетите од поплавите што се случија на 6-ти август. Оние што досега не успеале да ја завршат процедурата, добија дополнителни пет дена да ги комплетираат барањата...

Истекува рокот за поднесување барање за штета. Жителите во поплавените подрачја сѐ уште се во шок. Велат, и по 30 дена од кобната ноќ, не можат да му се вратат на нормалниот живот.

Како одминува денот дел од жителите чии домови се речиси уништени- стравуваат. Иако поднесле барање, комисијата не ги посетила.

„На 12-ти поднесов, нити комисија дошла, нити помош сум зел“, вели еден жител на Стајковци.

На други им создава забуна тоа што не можат да се пронајдат ниту на еден од списоците.

„Поднесовме, меѓутоа уште немам ништо добиено. Лутаме од еден список во друг. Не знам зошто така, сите наоколу имаат примено, кај мене нема ништо“, вели друг жител на Стајковци.

Ни се пожалија и оние кај кои била комисијата, но оттогаш ништо никој не им помогнал велат. Едни спијат по роднини, други чии куќи се до самото исклучување од обиколницата сон не ги фаќа поради ризикот што ги демне.

„Комисијата дојде, запиша што виде на лице место, не сум добила ништо уште“, вели  жителка на село Стајковци.

„Каналот уште не е досреден, недај Боже ако заврне, водата ќе ни се врати во куќата. Се обративме секаде, но никој не доаѓа“, вели жител на Стајковци.

На сред село невладината на млади правници постојано ги советува тие што бараат правна помош.

„Ни се обраќаат во врска со проблеми со Комисијата, за начинот на кој како би било обесштетувањето на лицата, зошто ги нема на списоците, кога би ги добиле тие парични средства“, велат од Здружението на млади правници.

Властите известија дека втори септември е последниот рок за пријавување на штетите. На најпогодените им беше доделена еднократна парична помош, а помош пристигнува и од многу невладини организации.

 

Фиљана Кока