Жбогар стапува на функцијата
Унијата со нетрпение очекува да се надмине долготрајната политичка криза, порача новоименуваниот евроамбасадор Самуел Жбогар. Му ги предаде акредитивите на претседателот Иванов. Шефот на државава изрази надеж за побрзо деблокирање на македонските евроинтеграции...

Евроамбасадорот Жбогар, наследникот на Орав, по преземањето на канцеларијата на Унијата во земјава порача- Унијата со нетрпение очекува да се реши долготрајната политичка криза.
„Во критични времиња и за вас и за Европската унија, Унијата со нетрпение очекува да ја решите долготрајната политичка криза и процесот потпомогнат од ЕУ и од САД и главните политички партии. Одговорноста, упорноста го ставаат интересот на вашата земја на прво место“, рече Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.
Подготвени сме да го преземеме својот дел од задачата, но преку спроведување на итните реформски приоритети, изјави претседателот Иванов. Наместо декларативните пораки, Македонија очекува конкретни чекори од Унијата, со кои ќе придонесат кон охрабрувањето на интеграцијата на земјава, рече шефот на државава.
„Верувам дека Унијата ќе го исправи досегашниот погрешен пристап кон Македонија. Во спротивно, доколку Македонија и по следните избори не добие датум и не ги започне пристапните преговори, прашање на време е кога ќе се соочиме со следна политичка криза“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.
Блокирањето на евроатланската интеграција на македонија е пример како не треба да се гради безбедноста во регионот, оцени претседателот. Во време на сериозни предизвици за Европа, за регионот, а со тоа и за Република Македонија, крајно време е за промена на досегашниот пристап кон земјава, нагласи шефот на државава.
Наташа Гркова- Петрушевска
