Мајка Тереза прогласена за Светица

04.09.2016 11:23

На канонизацијата на Блажена Мајка Тереза присуствува македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот Ѓорге Иванов...

Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск на церемонија која се одржа на плоштадот „Св. Петар“ ја прогласи Мајка Тереза за Светица. На канонизацијата на Блажена Мајка Тереза присуствува македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот Ѓорге Иванов.

Во состав на македонската делегација, покрај претседателот Иванов, се и премиерот Емил Димитриев, министрите за надворешни работи и за култура, Никола Попоски и Елизабета Канческа Милевска, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, претставници на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и претставник на фамилијата на Мајка Тереза.

Посебно место на свеченоста, имаат Република Македонија, заедно со Република Албанија и Република Индија, како земји на нејзиното раѓање, потекло и мисија.

На канонизацијата на Мајка Тереза присустваат многубројни верници и високи гости од целиот свет. Најавено беше присуство на 13 шефови на држави или влади. Распределени беа 100.000 билети за следење на церемонијата на плоштадот „Свети Петар“.

Во градот има засилени безбедносни мерки, а небото над Ватикан денеска е зона забранета за летање.