Иницијатива за развој на социјални бизниси
Повеќе од десет компании кои развиваат социјални бизниси се претставија на конференцијата која има цел да го поттикне вработувањето лица од ранливите категории. Овие компании најчесто произлегуваат од невладиниот сектор и ангажираат лица во производството на органски здрава храна...

Законот за социјално претприемништво што требаше да овозможи полесно вработување на лицата од ранливите категории, иако инициран пред повеќе од една година се уште не е стапен во сила. Засега само десетина компании кои произлегуваат пред се од невладиниот сектор ангажираат лица во ризик, како што се сиромашните, децата без родители, самохраните мајки и лицата со посебни потреби.
„Се грижиме за самохраните мајки и нивните дечиња, како за нивната внатрешност, за нивната духовна состојба, така и за нивната надворешност, но исто така и развиваме и еколошка свесност со тоа што правиме природни производи“, вели Дороти Пачкова, основач на иницијативата „Една може“.
„Очекувам тука да добијам ново знаење и да го имплеметирам во мојата мисија, која се вика „Јас сум Цако“, која баш во ова поле на денешната дебата“, вели Александар Матовски- Цако, граѓански активист.
Најголем проблем со кој се соочуваат социјалните претпријатија е менаџирањето на бизнисот како и достапноста до пари за да почнат да работат. Велат, за да подигнат кредит, банките бараат гаранција дека ќе успее бизнисот. Побараа државата да им биде ветар во грбот и да им ја понуди неопходната сигурност. Ангажманот на лицата во ризик во социјалните претпријатија треба да им овозможи да се подготват за отворениот пазар на трудот.
„Ако некој е долгорочно невработен, тој веќе ги изгубил работните вештини, ја изгубил навиката на оди на работа, и многу е веројатно ако се вработи на отворениот пазар на труд, да ја загуби својата работа. Тука имаме еден сериозен проблем- лицата кои добиваат социјална помош не избираат да се вработат туку да продолжат да добиваат социјална помош“, изјави Климентина Илијевски, извршен директор на „Лице в лице“.
Најголемиот дел од домашните иницијативи се во хранопреработувачката дејност и во производството на органска козметика.
Анита Димитријевска
