Јапонија ќе ги релоцира своите компании ако има негативни последици од Брегзит
Јапонија се закани дека ќе ги релоцира своите компании од Обединетото Кралство доколку се појават негативни последици од референдумот за Брегзит. И покрај позитивните економски трендови, британската премиерка Меј очекува проблеми во процесот на напуштање на европскиот блок...

„Јапонија ќе ги преземе потребните мерки за да ги заштити своите компании од последиците на Брегзит“, изјави генералниот секретар на јапонската Влада, Јошихиде Суга. Пред Самитот на Г20, јапонското министерство за надворешни работи објави извештај од 15 страници во кој е наведено дека постои можност за преселба на фармацевтските фирми и јапонските банки во земјите-членки на Европската Унија.
„За да се намали што е можно повеќе влијанието на Брегзит врз компаниите од Јапонија, ние додадовме нова категорија во економскиот план за да им обезбедиме поддршка“, изјави Јошихиде Суга, генерален секретар на владата на Јапонија.
Владата од Токио се закани и со прекин на инвестициите за развој и медицински истражувања во Британијa, доколку Обединетото Кралство не успее постепено и безболно да го напушти европскиот блок.
Најновите анализи ги демантираа тврдењата на повеќето експерти дека излезот на Велика Британија од Унијата ќе има негативни последици врз економијата на Стариот континент. И покрај тоа, британската премиерка Тереза Меј смета дека нејзината Влада веројатно ќе се соочува со комплексни прашања поради Брегзит.
„Статистиките се подобри од она што го предвидуваа многумина. Сега е важно да знаеме како да ја одржуваме економската стабилност. Сакам Обединетото Кралство да биде светски лидер во слободната трговија. Не можам да тврдам дека се ќе биде многу лесно. Сигурно ќе наидеме на проблеми. Но јас сум оптимист, а таква порака добив од бизнис- заедницата во земјава“, вели премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј.
Меј најави дека до крајот на годината не планира да го активира Членот 50, со кој почнува процедурата за излегување од ЕУ. Неколку земји-членки најавија спроведување на ист референдум за да се ослободат од, според нив, „неправедната бирократија на Брисел“.
