Совет за етика: Постојана примена на стандарди, не само за избори

05.09.2016 15:22

Советот за етика во медиумите ги повика медиумите за време на претстојниот предизборен и изборен период да известуваат објективно и професионално, според основните принципи на новинарското работење. Од СЕММ очекуваат дека медиумите нема да се претворат во разгласни станици на политичките партии и дека постојано ќе информираат според професионалните принципи и етичките норми...

Партиите веќе не ги чекаат изборните кампањи за да ќарат поени кај гласачите. Зашто само тогаш, велат од Советот за етика во медиумите, се мери квантитативно кој колку пренесол, а квалитативното се одработува сега. Додаваат дека самиот ден на изборите е само протокол, оти работата одамна е завршена уште во предизборието.

Од СЕММ ги повикаа медиумите да дејствуваат како стожери на јавниот интерес и заштитници на јавното добро особено во изборниот процес бидејќи, велат, нема поголем тест за професионалното новинарство од периодот на изборите.

Повелбата за етичко известување за избори беше потпишана на 12-ти февруари годинава. Од тогаш до жалбена комисија пристигнале околу 80 жалби од кои најголем дел се однесуваат на прилозите објавени во порталите каде не е застапена втората страна, што, пак е основа во известувањето.

Од СЕММ посочуваат дека оние медиуми против кои ќе има жалби, а нема да ги почитуваат опомените ќе бидат исклучени од членството.

Фиљана Кока