Пратениците расправаат за новиот ребаланс
Нова расправа за ребалансот на Буџетот. Стартот на матичната комисија доцнеше, бидејќи немаше претставник од Владата. Власта и опозицијата со различни позиции за начинот од кои извори да се обесштетат жителите од поплавените места.

Комисиската расправа за предложениот втор ребаланс на Буџетот доцнеше речиси 3 часа, бидејќи во салата немаше претставник од Владата. Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Марјанчо Николов, рече дека ова претставува непочитување на Законодавниот дом на земјава.
„Според уставната поставеност во Македонија, Собранието треба да ја контролира Владата, а не Владата да го кочи работењето на Собранието и на комисиите“ – изјави Марјанчо Николов, претседател на Комисијата за финансирање и буџет
Приходите со предложениот ребаланс на Буџетот остануваат непроменети, се зголемуваат расходите. Расте и буџетскиот дефицит, од 3,6 на 4 проценти, односно на околу 376 милиони евра.
Од власта велат дека прекројувањето на државната каса е наменско за обезбедување дополнителни 36,4 милиони евра за целосно обесштетување на жителите од поплавените места. Планираат парите да се обезбедат преку заштеди од одредени позиции кај буџетските корисници и преку зголемување на дефицитот.
„Сите ќе се солидаризираме со луѓето кои страдаат во овој момент и кои ги чекаат овие средства за одново да отпочнат со својот нормален живот. Ние сме обидуваме што поскоро овие средства да стигнат до нив, бидејќи навистина им се неопходни“ – изјави Весна Пемова, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската СДСМ, пак, бара да се се намалат планираните расходи, односно да се обезбедат пари за обесштетување на граѓаните, а во исто време, да не се зголеми буџетскиот дефицит. Социјалдемократите велат дека треба брзо да се обесштетат жителите, но при тоа да се покаже економска рационалност.
„Во Буџетот има доволно финансиски средства за брзо и праведно обесштетување на граѓаните кои ја доживеаа несреќата и имаат уништени домови и имоти, а при тоа да не се посегне кон ново зголемување на буџетскиот дефицит и кон ново задолжување на терет на граѓаните и на фирмите“ – изјави Бетиан Китев, пратеник од СДСМ.
„Можностите на Буџетот не дозволуваат таков пристап на доделување средства. Треба да го изгласаме овој начин за жетелите веднаш да добијат пари“ - Владанка Авировиќ, пратеник од Социјалистичката партија.
„Се трупаат долгови. Тоа е она во што не се сложуваме со власта. Се сложуваме дека што поврзо во целост треба да се обесштетат граѓаните, бидејќи тоа е должност на државата“ – изјави Томислав Тунтев, пратеник од СДСМ.
Пленарната расправа за ребалансот на Буџетот е закажана за 19 септември.
Мартин Пушевски
