Избирачкиот список во раце на партиите

05.09.2016 16:11

ДИК го достави избирачкиот список до партиите. За изборите договорени за 11-ти декември, право на глас имаат 1.770.736 граѓани. Разликата е 9.400 гласачи помалку од изборите во 2014-та. Специфика за овие избори е и тоа што 171.000 граѓани ќе бидат на посебен избирачки список...

1.770.736 гласачи се запишани во избирачкиот список, податок кој ДИК го доставил и до политичките партии. Забележливо е намалување на гласачите од безмалку 9.400 споредбено со изборите во 2014-та.

„Ова не е конечна бројка бидејќи следи кварталното ажурирање на избирачкиот список, што можеби ќе покаже други бројки во споредба со овие податоци, бидејќи во меѓувреме луѓето стануваат полнолетни“, изјави Адмир Шабани од ДИК.

Специфично е тоа што 6-та изборна единица има повеќе гласачи за 0,28 проценти од пропишаниот пет процентен праг, но ДИК сѐ уште нема да преземе ништо бидејќи избирачкиот список постојано се ажурира. Доколку постои потреба ќе следува измена во Изборниот законик. Засега ДИК е спокоен, се занимава со технички детали со оглед дека Собранието сѐ уште не е распуштено.

„Од моментот на распуштање на Собранието, почнуваат да течат роковите за избори“, вели Шабани.

Неофицијалниот роковник за изборите во декември го направија медиумите. На 12-ти октомври Собранието би требало да се распушти. Од крајот на октомври, 20 дена ќе биде отворен на увид избирачкиот список, време во кое оние што беа избришани од него може повторно да се пријават. На 21-ви ноември започнува 20- дневната политичка кампања, а ден подоцна гласачкиот список ќе биде доставен до партиите кои имаат пет дена за да побараат корекција на податоците.

11-ти декември според политичкиот договор е ден за избори. Уште една специфика за овие избори е и тоа што 171.000 граѓани ќе бидат на посебен избирачки список затоа што тие се наоѓаат во странство, но ако се затекнат во земјава може да гласаат и тука.

Бројките се фрапантни, сметаат во СДСМ. Вкупно 200.000 гласови ѝ биле на располагање на власта за, како што го нарекуваат, изборен инженеринг. Се потврдија проценките на СДСМ дека гласачкото тело во Македонија е еден и пол милион гласачи – пишува во соопштението.

Одговорија од владеачката партија. ВМРО- ДПМНЕ никогаш не го спорело избирачкиот список. Фактот дека по прочистувањето на него се наоѓаат 1.770.736 граѓани со право на глас, непобитно докажува дека СДСМ го изгуби тлото под нозете и последниот аргумент со кој бегаше од изборите и ги оправдуваше поразите изминативе 10 години.

Миле Ристески