Седум години од трагичната бродска несреќа во Охрид

05.09.2016 16:19

Денеска навршуваат седум години од трагичната бродска несреќа во која животот го изгубија петнаесет бугарски туристи. Безбедноста во внатрешната пловидба на Охридското езеро сега е поголема, но сѐ уште треба да се работи за да се достигнат светските стандарди во оваа сфера...

Седум години по бродската несреќа, кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го изгубија 15 бугарски туристи безбедноста во внатрешната пловидба на Охридското Езеро е далеку поголема. По трагедијата Охридската капетанија и сите други чинители во безбедноста на вода интензивно работат на подигањето на стандардите за безбедност, а уште повеќе на свеста на учесниците во сообраќајот, бидеќи таа во најголемиот број на инциденти е пресудна.

„Ги подигнуваме и техничките стандарди преку воспоставување на построги правила и прописи при техничките прегледи на бродовите, пловилата и т.н. Исто така мониторингот на езерото сега преку радарите и нормално преку контролата што се вика проактивно работење, кога секој еден учесник во внатрешната пловидба треба да биде секогаш контролиран“, изјави Горан Устијаноски-капетан на Охридската капетанија.

 Охриѓани и денеска на спомен обележјето на градскиот кеј им одадоа почит на загинатите бугарски граѓани.

„Сочуствуваме со нивните семејства и ветуваме на некој начин дека оваа и ваквите несреќи треба да опоменуваат, да се потсетуваме, меѓутоа не повторно да се случуваат“, рече Ангел Јанев-заменик градоначалник на Охрид.

„Секоја година на овој ден им оддаваме почит на сите невини луѓе кои ги изгубија животите и се обидуваме да не ги заборавиме. Благодарение на општина Охрид, која секогаш презема иницијатива заедно им оддаваме почит на тие луѓе“, изјави Светлана Славова, директор на Бугарскиот културно- информативен центар, Скопје.

Ова лето на Охридското Езеро безбедноста беше на високо ниво и не се случи ниту еден посериозен инцидент. Временото ограничување за пловидба на чамците и скутерите и забраната за приближување на пловните објекти на 100 до 300 метри од брегот очигледно даваат резултати, но за да се достигнат светските стандарди во оваа сфера ќе треба уште многу да се работи.

 

Сашо Нелоски