Мал е интересот за стручните средни училишта

05.09.2016 16:45

Стручните средни училишта и годинава со истиот проблем, да состават паралелка. И покрај апелите за дефицитарни кадри на пазарот токму од овие струки, интерес речиси и да нема...

Младите имаат сѐ помалку интерес за средните стручни училишта, иако компаниите постојано апелираат дека овие кадри се дефицитарни.

Но, има примери кои ќе ги натераат полуматурантите кои во сѝ поголем број ги избегнуваат стручните средни училишта, да се одлучат на вистинскиот чекор. Покрај љубовта кон електро техничката струка- програмирањето, роботиката, Теодор Ангеловски верува дека ќе се изреализира на пазарот на трудот за брзо време од кога ќе го заврши средното училиште.

„Јас очекувам дека ќе има место на пазарот на труд за мене, бидејќи тоа е една од причините заради кои дојдов во ова средно стручно училиште“, вели Теодор Ангеловски, ученик во СЕТУ „Михајло Пупин“. 

Негативниот тренд го потврдува и директорот на средното училиште „Михајло Пупин“. Вели дека кај нив бројот на ученици кои се запишале оваа година е намален за петина. Ова е во спротивност со побарувачката за квалитетни кадри на пазарот на труд.

„Практично се отвора простор на пазарот на трудот да се јавуваат како понудувачи на услуги, конкретно од електро- техничката струка, лица кои практично немаат допирни точки со струката. Јас врз база на велам дека на пазарот на трудот има потреба од квалификувани стручни кадри“, изјави Ефтим Пејовски, директор на СЕТУ „Михајло Пупин“. 

Потврда дека бизнис заедницата постојано бара вешта работна сила, особено од техничките струки, дојде и од Конфедерацијата на работодавачи.

„На подолг период ќе мора да поразговараме со социјалните партнери, односно со Владата и со синдикатите, дека договорот за минимална плата, надоместоците, треба да добијат форма која ќе биде мотивирачка за младите, односно таа порака стручните професии може да дадат добра иднина и егзистенција“, вели Миле Бошков, претседател на Конфедерација на работодавачи.

Во јавноста деновиве е интересен случајот со средното текстилно училиште во Штип, во кое годинава не се запишал ниту еден ученик. Државниот завод за статистика вели дека на пазарот најмногу недостасува кадар за услужните дејности, продажбата и преработувачката индустрија.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска