90 милијарди евра од ЕУ за Западен Балкан и Турција за превенција од елементарни непогоди
Фонд од 90 милијарди евра нуди Европската Унија за земјите од Западен Балкан и Турција за превенција од елементарни непогоди. Проценките се дека поплавите, штетите во земјоделството и зголемувањето на температурата се предизвиците со кои ќе треба да се справуваме и натаму. Македонија веќе подготвува проект што треба да ја намали ерозијата на земјиштето во критичните региони...

Македонија, но и другите земји од регионот ги трпат последиците од климатските промени. Проценките се дека поплавите, штетите во земјоделството и зголемувањето на температурата се предизвиците со кои ќе треба да се справуваме и натаму. Југозападниот и мал дел од југоисточниот регион на Македонија се најкритичните, каде што климатските промени имаат негативно влијание. Затоа, Европската Унија понуди пакет од 90 милијарди евра фонд за земјите од Западен Балкан и Турција да ги користат за превенција.
„Поттикнувам земјите да работат заедно со регионите, со градовите, да ги разменат искуствата околу овој процес на адаптација, а второто нешто е финансирањето. Ние имаме обврска од ЕУ за одвојување на 20 проценти од буџетот за потенцијалните земји кои ќе пристапат на Европската унија“, рече Беатриз Јорди, Директорат за животна средина на ЕУ.
Според надлежните за минатогодишните поплави во Пелагонија и Тетовско околу 10 милиони евра биле наменети за санирање на штетите, а за поплавите во Скопско сѐ уште се прави проценката. Македонија веќе подготвува проект што треба да ја намали ерозијата на земјиштето во критичните региони.
„Имаме лоцирано 1.200.000 евра за јакнење на капацитетите, она што треба да го спроведеме. Но не станува збор само за сратегија, туку и конкретни мерки за ублажување, а тоа се оние мерки во делот на ерозивните елементи“, изјави Стево Темелковски, заменик- министер за животна средина.
Хрватските искуства велат дека во вакви околности, особено будни треба да бидат земјоделците.
„Хрватска веќе се соочува со климатските промени. Тие во иднина ќе бидат и почести и посилни. Затоа треба да бидеме подготвени и на национално и на локално ниво. Земјоделците треба да размислуваат за заштита од поширок обем“, изјави Вишња Гргашовиќ.
Со проектот за превенција промовиран денеска во Скопје, земјите од регионов се обврзани до 2020 година да спроведат реформи со кои ќе направат точна проценка за критичните точки за време на непогоди на своја територија.
Дијана Ценевска
