Ребаланс на Буџетот: Расправа за поднесените 11 амандмани од опозицијата

06.09.2016 15:51

Жестока расправа за опозициските амандмани на ребалансот на Буџетот за обесштетување на жителите од поплавените места. Власта и опозицијата се судрија околу прашањата од каде треба да се крати и како да се обезбедат потребните средства.

Почна комисиската расправа за 11-те опозициски амандмани на ребалансот на Буџетот. Од СДСМ сметаат дека може да се обезбедат 27 милиони евра за обесштетување на жителите од поплавените региони, без да се користат парите од еврообврзницата и да се прават нови задолжувања по повисока камата, како резултат на намалениот кредитен рејтинг на земјава.

„Во Буџетот има доволно простор за да не ги трошиме парите од еврообврзницата и да се доведеме во простор повторно да земаме еврообврзница или кредити, бидејќи за нив се плаќа камата којашто за Македонија, за жал, ќе биде сè поскапа и поскапа“ – изјави Марјанчо Николов, пратеник од СДСМ.

Опозициската партија побара да се скратат околу половина милион евра од Дирекцијата за слободни економски зони. Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, овие средства не треба да се чепкаат, бидејќи слободните зони се важни за економскиот развој и за новите инвестиции.

„Тука се најголемите економски бенефити за државата во делот на зголемувањето на БДП, бидејќи со слободните економски зони имаме поголем извоз, повеќе вработувања, тоа се основните економски индикатори за зголемување на БДП“ -  изјави Лилјана Кузмановска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Ако нема инфраструктура во зоните, ќе нема и нови инвеститори – рекоа пратениците од владејачката партија.

„Ние на инвеститорите треба да им дадеме подготвени зони, не можеме да го донесеме на празна полјана и да им кажуваме што ќе правиме“ – изјави Никола Мицевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние не бараме кај ДТИРЗ да се скрати од капиталните распходи за изградба на зоните, бараме да се скрати од стоки и услуги“ - изјави Марјанчо Николов, пратеник од СДСМ.

СДСМ побара да се скратат и пари од Министерството за кулутра, за Античкиот театар – Скупи, за заштита на културното наследство, кинотечна и музејска дејност. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија – станува збор за проекти за кои веќе се склучени договори.

„Не може приоритет да биде Антички театар кога 5 илјади семејства живеат во неизвесност дали кога ќе дојде зима ќе можат да живеат во своите домови“ – изјави Томислав Тунтев, пратеник од СДСМ.

„Ако е склучен договор тоа значи дека неисполнувањето на обврските на државните институции ќе повлече плаќање на пенали на економските оператори“ – изјави Драган Цуклев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Демократската партија на Албанците, која за првиот ребаланс поднесе 300 амандмани, сега немаат ниту еден. Велат - не сакаат повторно да слушаат дека „амандманот не се прифаќа“.

„Тие не ги слушаат лелеците и маките на настраданите од поплавите“ – изјави Ернад Фејзула, пратеник од ДПА.

Со предложениот ребаланс се предвидуваат дополнителни 36,4 милиони евра за целосно обесштетување на поплавените семејства.

 

Мартин Пушевски