Месец по полавите- животот се враќа во нормала

06.09.2016 16:24

Еден месец по поројните дојдови во поплавените подрачја, водата се повлече, но видливи се трагите од катастрофалните штети што ги остави невремето. Животот се враќа во норамала. Штетите се санираат, улиците се исчистени. Детски џагор во училиштата...

Животот мора да продолжи, велат жителите на Стајковци кои навидум оставаат впечаток како воопшто и да не го преживеале страшното невреме. Улиците низ селото се проодни, на плоштадот жителите го пиеја утринското кафе, на автобуската станица се чекаше превозот за на работа, учениците го преплавија дворот на основното училиште „Кирил и Методиј“- истото во кое се носеше хуманитарната помош и служеше како пункт на Армијата.

Некои од жителите ги добиле авансната помош и оштетата од државата, другите сѐ уште чекаат, а некои пак, се револтирани што ги нема на списоците.

„Не се најдов- Митровски Благоја од село Виниче.“

„Се најдов и завршив работа.“

„Да, отиде денеска маж ми да види во банка.“

„Да 500 евра земавме, е сега за остатокот треба да се достават лични податоци да се докаже дека имовината е на наше име, е сега не знам дали ќе има обесштетување за земјоделието бидејќи имам 20 фолии, но не сме регистрирани земјоделци“, велат жителите кои ги анкетиравме.

Волонтерите и Армијата повеќе не се во селото. Тесните улички сѐ уште се калливи, дел се тампонирани. Жителите веќе се уморни, работат напорно за да си ги исчистат дворовите- велат има уште многу работа, ќе треба време за нивите да се посеат, да се исчистат куќите, а сликата од 6-ти август да се заборави.

„Како што беше не е. Фала им на тие луѓе што дојдоа да помогнат, ако не беа тие ќе бевме уште во кал. Полека полека, санираме нешто колку имаме можност. Со помошта од 500 евра ја средивме кошулицата на долниот спрат“, вели жител на Стајковци.

„Го нормализираме живото колку можеме, тоа е тоа, што да правиме“, додава жителка на Стајковци.

Денешниот дожд иако со помал интензитет, ги враќа сеќавањата.

„Сме ги спасувале преку прозор со дрвена скала, на спрат горе ги качувавме“, се сеќава една жителка на Стајковци.

„Две три бали ми фрлија да се задржам бидејќи сум во години, и со еден ремен ме задржаа, па се спасив“, вели жител на Стајковци.

Граѓаните уште чекаат и на паричната помош од Црвениот Крст. Парите ќе ги добијат кога ќе биде познат и вкупниот износ од донациите во акцијата на „Телеком“. Утре е последниот рок за пријавување на штетите од поплавите.

Пред точно еден месец, на скопската обиколница имаше најмногу жртви. Некои од нив биле заробени во своите автомобили , загинале обидувајќи се да се спасат. Силното невреме кое го зафати Скопје однесе 22 живота, стотици беа повредени, а во поплавата голем број семејства останаа без своите домови.

 

Викторија Милевска