Надлежните на терен, се врши увид за падот на авионот кај Кожле
На местото на несреќата се истражните органи и тим на комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти. Се пребарува теренот, се собираат докази. Авионот требало да слета на скопскиот аеродром за да наполни гориво. Тој бил дел од група составена од три авиони кои летале од Тревизо за Приштина. Италијанските власти во координација со македонските надлежни органи ја почнаа постапката за транспорт на телата...

Двајца јавни обвинители заедно со екипи на МВР и судска медицина од изутринава вршат увид на местото каде што вчера се урна приватниот авион марка „Пајпер “ со германски национални ознаки. Од Јавното обвинителство информираат дека ги преземале сите мерки за расветлување на несреќата. Велат, теренот иако е тешко пристапен, се одвиваат истражните дејствија. Во несреќата што се случи во атарот на велешко Кожле загинаа шестмина. Според првичните информации четворица биле италијанци и двајца косовски државјани. На терен е тим на комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.
Италијанските медиуми известуваат дека од Тревизо заминала група авиони со 20-ина патници. Крајна дестинација им била Косово, за да присуствуваат на прославата на првата годишнина на тамошниот аероклуб кој бил основан со поддршка на аероклубот од Тревизо. Член на управниот одбор на клубот од Италија за МТВ вели дека сѐ уште се во шок по трагедијата.
За местото на падот на авионот први јавија мештаните кои чуле експлозија и виделе пожар. Исчезнувањето на авионот од радарот 10 километри во приод кон Скопје на рутата за слетување пак, вчера попладне во 17:40 часот во МВР го пријавила контролата на летање на скопскиот аеродром. Авионот уредно бил пријавен за дополнување гориво на скопскиот аеродром. Синоќа мвр го имаше обезбедено местото во поширок периметар. Местото каде што падна авионот е тешко пристапно, а дождот уште повеќе ја отежнува проодноста.
Од Италијанската амбасада за МТВ изјавија дека во координација со македонските власти е почната постапката за организирање на транспортот на телата на загинатите во несреќата.
Наташа Гркова- Петрушевска
