Визија за Сирија: Претставен план за прекин на петгодишниот конфликт

07.09.2016 14:54

Опозицијата на Сирија претстави план за прекин на петгодишниот конфликт. Програмата „Визија за Сирија“ предлага преговори, нов устав и избори под мониторингот на Обединетите нации...

Шестмесечни преговори со претседателот Башар ал Асад и целосен прекин на огнот- ова се главните делови од планот „Визија за Сирија“ претставен од Високиот одбор за преговори на сириската опозиција кој предвидува Асад да ја предаде власта на обединета влада која би ја водела Сирија 18 месеци и би организирала избори. Предвиден е и нов устав, како и воспоствување на демократски и плуралистички политички систем.

„Крајот на транзицискиот период е спроведување на резултатите од националниот дијалог и ревизија на Уставот. Изборите ќе бидат одржани со техничка поддршка од Обединетите нации“, вели Ријад Хиџаб, координатор на ВОП на сириската опозиција.

Според Саудиска Арабија, планот е тест за сојузниците на Асад. Но Министерот за надворешни работи на заливското кралство Адел ал Џубеир не верува дека Русија и Иран се подготвени да му извршат доволно силен притисок на Асад за да се остварат очекувањата на меѓународната заедница.

Домаќинот на средбата во  Лондон, министерот за надворешни работи Борис Џонсон, изрази надеж дека визијата може да стане реалност.

Москва и Вашингтон ја поддржуваат опозицијата и инсистираат Асад да си замине од власт. Главна причина за загриженост им создава крвопролевањето во градот Алепо, една од најжешките точки на борбата меѓу владата и опозицијата. Спасувачките екипи пријавија нов хемиски напад со хлор во кој беа повредени 80 луѓе. Сириската војска не даде коментар.

Бомбите направија огромна штета. Имаме многу случаи на задушување, многу деца се повредени. Ова е населено место. Има цивили, а не војници и касарни.

Видов 50 деца. Сите се деца. Помалиот брат падна и почна да се дави. Ни рекоа да си ги прекриеме лицата со мокри крпи“, велат жители на Алепо.

Истрагата од Обединетите Нации покажа дека владините сили користеле хлор најмалку во два напада, но тие негираат дека се служат со хемиско оружје. Во конфликтот загинаа над 250 илјади луѓе.