Германски модел на дуално образование во „Дрекселмаер“- Кавадарци

07.09.2016 16:06

Системот е многу едноставен. Учениците се вработени во компаниите и паралелно учат и работат. Моделот од лани се применува и кај нас во Кавадарци.

Германскиот модел на дуално образование развиван повеќе децении подразабира тесна соработка на компаниите и средните стручни училишта и овозможува создавање кадар според потребите на стопанството. Системот е многу едноставен.  Учениците се вработени во компаниите и паралелно учат и работат. Моделот од лани се применува и кај нас во Кавадарци.

„Оваа концепција има многу предности. Учениците имаат работен договор. Тие се во работен однос во претпријатието и добиваат пари. Нивното работно место е приспособено на потребите на стопанството. Станува збор за вин-вин ситуација“, вели Кристине Алтхаузер, амбасадор на Германија во Македонија.

Од компанијата Дрекслмаер која има 5.000 вработени во Кавадарци воочиле дека освен високо образовани кадри им недостигаат и висококвалификувани стручни лица од повеќе области. По нивниот глобален модел кој се применува во Германија, Австрија, Кина, Романија почнале од лани да го применуваат и во Кавадарци во соработка со средното стручно училиште. 

„Ова е втора година во која работиме според овој систем и секоја година опфаќаме по 20 ученици во една професионална област, во мехатрониката, вкупно 40 ученици, но долгорочно планираме да го зголемиме нивниот број“, изјави Барбара Гербер, менаџер за глобален професионален тренинг во „Дрекслмаер“.

Германските компании воочиле дека имаат недостаток од висококвалификуван кадар, особено во комплексните области во кои се користат автоматизирани производствени линии и роботи,  за одржување и поправка на опремата и затоа почнале тесна соработка со средните стручни училишта. Нивното искуство вели дека на долг рок компаниите добиваат квалитетен кадар според нивните потреби што им овозможува зголемување на продуктивноста. Моделот на дуално образование во Германија овозможува прием на лица на возраст од 14 до 40 години, вклучувајќи ги и оние со завршено високо образование.

 

Свето Николовски