Трамп со поголема поддршка од Клинтон
Доналд Трамп води пред Хилари Клинтон во најновите анкети во Соединетите Американски Држави. Демократскиот претседателски кандидат Хилари Клинтон има 43 проценти поддршка, додека републиканскиот кандидат Доналд Трамп има 45 отсто поддршка од регистрираните гласачи.

Најновата анкета на Вашингтон Пост на примерок од 74000 гласачи покажа водство на Доналд Трамп пред Хилари Клинтон. За Трамп се изјасниле 45 проценти од гласачите, а за Хилари Клинтон 43 отсто. Трамп со присуство во црква во Детроит, се обидува да добие поголема поддршка од Афроамериканците.
„Овде сум денеска да ја слушнам вашата порака. И се надевам дека моето присуство ќе помогне вашиот глас да стигне до нова публика во земјава, а на многу од нив, можам да ви кажам, очајно им се потребни вашите дух и мисла. Христијанската вера не е минато, туку е сегашност и иднина. Да ја направиме посилна“, изјави претседателскиот кандидат Доналд Трамп.
Демократот Хилари Клинтон по критиките дека од почетокот на годинава не одржала прес конференција, се обрати пред медиумите во својот авион, на која за првпат се изјасни и за истрагата за имејловите и наодите на ФБИ дека испраќала доверливи информации преку приватниот имејл.
„Отидов во Стејт Департментот со разбирање за класифицирани информации. Служев во комитетот на Сенатот за вооружени сили со години пред да станам државен секретар. Ги земам класифицираните информации сериозно. Фактот дека не се сеќавам на одредени средби, кои се или не се случиле, не влијае на мојата определба која ја имав и се уште ја имам кон третманот на доверливите материјали“, рече претседателскиот кандидат Хилари Клинтон.
88 американски воени офицери потпишале писмо со кое му даваат поддршка на Доналд Трамп да стане врховен командант на вооружените сили. Клинтон го обвинуваТрамп дека добива поддршка од рускиот претседател Владимир Путин.
Освен Клинтон и Трамп во трката за американски претседател учествува и кандидатот на Либералната партија Гери Џонсон со 7 проценти поддршка и кандидатот на Зелената партија Џил Штајн со 2 проценти поддршка.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
