Македонија го слави Денот на независноста

08.09.2016 13:03

Некои наши сограѓани денеска имаат двоен повод за славење. Го одбележуваат својот роденден, но и денот на независноста. Какви сеќавања буди свечениот чин на прогласување на независноста кај музичарите и актерите?

Христијан Проданов на овој ден има двоен повод за прослава. Слави два родендена, својот и на татковината. Вели преубаво е чувството кога ќе кажеш дека си првото дете родено во независна Македонија. Пред 25 години тука на бината поставена на плоштадот „Македонија“ беа објавени референдумските резултати. Христијан вели дека многу ја сака својата земја и не планира да ја напушти. Студент е на ФИНКИ и хип-хоп танчер, а неодамна учестувал и во снимањето на филмот за Скопје на Раде Шербеџија.

„Јас сум горд на тоа што го имам постигнато овие 25 години, уште сум млад имам простор за напредок уште толку. Мислам дека живеењето во оваа држава не може да се замени со ниту едно друго чувство на светот“, вели Христијан Проданов.

Вечерта на бината на која беше прогласена независноста на Македонија бил и Сашо Гигов-Гиш. Има убави спомени од таа еуфорична ноќ. Исто како и Македонија и Гиш изминативе пет години се соочил со проблеми, предизвици и убави денови.

„Кој што имаше донесе на бина и се сеќавам Влатко Стефановски свиреше бас гитара. Толку беше сето тоа еуфорично и откачено. Ние ја отсвиривме нумерата ’Светлина’ со многу симболика во сето тоа“, се сеќава Гиш.

Актерот Александар Микиќ вели дека во тие мигови се чувствуваше среќа, но и доза на несигурност, што понатаму.

„Еден период малце се се затвори, бевме како во една чаура тука. Многу ретко се одеше на гостувања, зборувам и за бившите ЈУ- простори, Балканот воопшто, но после тоа некако се отворија вратите и еве сега правиме значајни работи, и со претстави и со филмови“, вели актерот Александар Микиќ.

За тројцата 8-ми Септември 1991 година е еден од најсветлите моменти во поновата македонска историја, но посочуваат дека државата се уште е соочена со големи предизвици – решавањето на кризата и евроинтегративните процеси.

 

Сунчица Николоска