Кенискиот атлетичар Роп победник на меѓународниот маратон во Охрид
Кенискиот атлетичар Абел Кибет Роп е победник на триесеттиот јубилеен меѓународен атлетски маратон кој се одржува на патеката од Свети Наум до Охрид долга триесет километри. Роп го собори дваесет и три години стариот рекорд на српскиот атлетичар, Борислав Девиќ. Охридскиот маратон традиционално се одржува на Денот на независноста на Република Македонија...

Кениските атлетичари Абел Кибет Роп во машка и Рут Чемисто Матебо во женска конкуренција се победници на триесеттиот јубилеен Меѓународен охридски маратон, што традиционално се одржува на Денот на независноста на Република Маскедонија. Патеката Свети Наум-Охрид, долга 30 километри Роп ја истрча за 1 час, 34 минути и 58 секунди, со што го собори 23 години стариот рекорд на српскиот атлетичар, Борислав Девиќ.
„Не беше лесно да се трча во услови на дожд, со ветер во гради, но сепак беше полесно од минатата година кога времето беше мошне топло и исцрпувачко за маратонците. Последните 10 километри беа малку потешки за трчање, но темпото беше брзо и успеав да го соборам рекордот на патеката“, изјави Абел Кибет Роп, атлетичар од Кенија.
Во машка конкуренција целта втор ја мина Вилсон Вамбугу Камау, исто така од Кенија, третопласиран беше унгарецот Тамаш Наѓ, додека најдобро пласиран македонски атлетичар беше Игор Јакимоски од АРМ.
Сашо Нелоски
