Пропадна земјиштето наспроти зградата на МНР
Несоодветно поместување на фекален колектор го потона земјиштето наспроти зградата на Министерството за надворешни работи. Се испитува дали инвеститорот има изготвен елаборат за заштита на градежната јама...

Пропадна земјиштето наспроти зградата на Министерството за надворешни работи. На терен излезе инспектор од општината Центар. Изградбата на објектот е запрена, велат оттаму. Инвеститорот „Волис Проперти“ на ова место сакал да изгради деловен објект. Компанијата направила несоодветно поместување на фекалниот колектор кој се наполнил со фекалии и го поплавил местото. Се испитува дали инвеститорот има изготвен елаборат за заштита на градежната јама.
Овластениот градежен инспектор на општина Центар констатираше дека на местото нема табла со назнака за видот на градба и кој е инвеститор и изведувач. Од компанијата им било објаснето дека табла имало, но таа отишла со ископот.
И денес јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ја испумпуваше надојдената вода. Од таму велат ќе го тужат изведувачот и ќе бараат оштета за направената штета и за нејзиното санирање. Мостот што вчера беше затворен и направи сообраќаен хаос во центарот на градот, денес е прооден. Поради безбедносни причини местото го обезбедува и полицијата. На новинарските екипи не им беше дозволен пристап до објектот.
Врнежите овие денови го усложнија проблемот. Се враќа стравот и кај жителите од скопските села што беа погодени од невремето на 6-ти август. Надлежните уверуваат - место за паника нема. Каналите постојано се чистат, а состојбата во селата е стабилна, вели за МТВ директорот на Водостопанство, Ромео Тренев.
Од Водостопанство велат реките низ земјава се со нормален водостој, браните се во добра кондиција и можат да примат големо количество на вода.
Викторија Милевска
