Фенербахче пак на колена
Суперквалитетниот тим на Фенербахче го доживеа четвртиот пораз во петтиот настап...

Суперквалитетниот тим на Фенербахче го доживеа четвртиот пораз во петтиот настап, продолжувајќи со разочарувачките изданија во Топ 16 фазата на елитната европска кошаркарска конкуренција. Составот на Жељко Обрадовиќ потклекна пред Армани во Милано и загуби со 90-85, по што останува на последното место на табелата во групата Е. Лестер Бо Меккејлеб постигна 12 поени (со шут 5/6 за еден, 2/3 за два и 1/2 за три поен) и имаше три скокови и една украдена топка. Најдобар кај Армани беше Даниел Хекет со 17 коша. Италијанците имаат биланс 3-2.
Во истата група, бранителот на европската титула Олимпијакос ја совлада Уникаха со 73-55. Предводници на грчкиот тим до победата беа Принтезис со 16, Данстон со 12 и Перпероглу со 11 коша, додека двоцифрен ефект во редовите на Шпанците оствари само Канер Медли, 11 поени. За Олимпијакос ова беше трета победа, а за Уникаха трет пораз.
Дербито на колото во оваа група се игра вечер во Атина, каде што Панатинаикос ја пречекува досега непоразената Барселона. Играат уште и двете екипи коишто досега запишаа по еден триумф, Лаборал Куча и Ефес Пилсен.
Во групата Ф, Реал Мадрид бргу се опорави од минатонеделниот пораз од ЦСКА, којшто за него беше прв воопшто во тековнава сезона. На свој терен го победи Макаби со 74-68, иако израелскиот состав на три и пол минути до крајот беше нерешено 66-66. Во финишот Љуљ погоди две тројки, потоа и две слободни фрлања и ги згасна надежите на Макаби. Даде вкупно 20 коша, а Фернандез додаде 16. Кај гостинскиот тим Скорцанитис и Пнини уфрлија по 15 поени.
Еднаков биланс како Реал и Макаби, по четири победи и по еден пораз, досега во оваа фаза има и ЦСКА, по уверливиот триумф од 86-61 над Баерн во Минхен. Германскиот бренд е сепак фудбалски, а не кошаркарски великан, така што и со Светислав Пешиќ немаше што да бара против Русите, додатно инспирирани по претходниот неуспех од Партизан. Теодосиќ со 24 поени и по пет скокови и асистенции беше лидер на ЦСКА, со поддршка од Хрјапа, кој постигна 16 и од Крстиќ, кој уфрли 14 коша. Премалку за Баерн беше само еден кошаркар на потребното ниво, Дилејни, кој заврши со 16 поени.
Петтото коло во групата Ф вечер го затвораат натпреварите: Партизан-Локомотив Кубан и Галатасарај-Жалгирис.
