Заканата од тероризам во светот е сѐ поголема
15 години по терористичките напади врз Соединетите Американски Држави, заканата од тероризам во севтот е поголема. Американски експерти прогнозираат дека ќе има нови терористички напади инспирирани од приврзаници на Исламската држава и Ал-Каеда. За успешно справување со заканите мора да се смени стратегијата и да има поголема соработка меѓу државите.

Светот денеска е помалку безбеден и со повеќе терористички закани отколку во 2001-та кога 2.977 луѓе загинаа во нападите на 11-ти септември во Њујорк и Пентагон. Американските експерти предупредуваат дека не очекува нов бран терористички напади бидејќи американската стратегија за борба против Исламската држава и Ал-Каеда не успеа.
„Не можеме да кажеме дека има аргумент дека сме во подобра ситуација од 2001-вата. Блискиот Исток е во пламен најмногу поради Ал-каеда и ИДИЛ, кои се носителите на тероризмот. Заканите по нашата безбедност и по нашите сојузници никогаш не биле поголеми. Европа претрпе далеку повеќе терористички напади по 2001-вата“, вели Мери Хабек, професор на универзитетот Џонс Хопкинс и поранешен советник на претседателот Џорџ Буш.
Терористите планираат напади врз воени објекти, авиони, мостови, универзитети и места каде се собираат многу луѓе.
„Имаше 89 сериозни завери за терористички напади од октомври 2001-та до денеска. Собирајќи информации можеме да го видиме трендот, кои се мотовите и сторителите. Заканите драматично се зголемени. Од есента 2015-та имаше 25 успешно спречени завери за терористички напади во САД“, вели Дејвид Инсера- аналитичар на фондацијата „Херитиџ“.
Странските борци се најголемата закана по безбедноста на Европа.
„Ал-Каеда шверцува луѓе во Британија со лажни студенски визи. Овие лажни колеџи се основани од оперативци на Ал-Каеда од Пакистан за издавање визи на студенти коишто потоа планираат напади на шопинг центри и формираат терористички ќелии“, смета Робин Симкокс- британски експерт за безбедност.
Вашингтон и Њујорк се најчести цели за терористите во Америка, најчесто планирани од страна на Американци коишто се инспирирани од ИДИЛ. Државите во светот мора да имаат поголема соработка и размена на информации за успешно пречување на нови терористички напади.
Секоја година на обележувањето на годишнината од терористичките напади на 11-ти септември 2001-та се зголемуваат мерките на безбедност. Оваа година уште повеќе бидејќи во исто време е муслимански празник.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
