Прием во македонската амбасада во Брисел по повод Денот на независноста

09.09.2016 10:47

По повод Денот на независноста, во македонската амбасада во Брисел прием за дипломатите во европската престолнина. „Силно веруваме во обединета Европа“- рече амбасадорот Еленовски. Членството на Македонија во Европската Унија и во НАТО остануваат на врвот на агендата...

По повод Денот на независноста на Република Македонија, дипломатските претставништва на земјата, македонската амбасада во Кралството Белгија, македонската мисија при Европската Унија и НАТО амбсадата, во Брисел организраа свечен прием на кој присуствуваа претставници од европскиот дипломаски кор, од Европскиот парламент и комсија, новиот амбасадор на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар и европската бизнис елита.

„Како европски граѓани без разлика на искушенијата со кои се соочуваме денес, сакам со вас да ја поделам визијата дека силно веруваме во обединета Европа со европските вредности и цивилизациските придобвки за целото човештво“, истакна Лазе Еленовски, амбасадор на Република Македонија во Кралството Белгија.

Амбасадорот Еленовски во ова прилика ѝ се заблагодари на Белгија за помошта, при справување со последиците од поплавите кои го зафатија скопскиот регион. Притоа, тој за следната недела го најави и отворањето на новиот конзулат во реонот Фландрија со што уште повеќе ќе се развијат и зацврстат односите меѓу двете земји, потенцирајќи дека Белгија е во првите 10 странски инвеститори во нашата држава.

Амбасадорот на мисијата при ЕУ, Андреј Лепавцов, во своето обраќање посочи дека Македонија ги исполнува европските вредности, и дека декемвриските избори ќе бидат потврда за тоа, воедно и дека истите ќе бидат порака ЕУ конечно да го започне преговарачкиот процес со Република Македонија.

„Ситуацијата во Македонија полека се смирува, имаме закажани избори и се надеваме дека после декември ќе имаме силна политичка влада, која ќе работи уште посилно да Македонија стане член на ЕУ и да го започне процесот на преговорање. Ова воедно е и порака до нашите европски пријатели дека е следниот чекор, доколку продолжиме со истото темпо како изминативе 7 до 8 години, ова состојба нема да биде одржлива“, изјави амбасадорот Лепавцов.

„Единствениот начин за напредување се ЕУ и НАТО интеграциите. Имаме јасна политичка поддршка како и поддршка од јавноста“, рече Зоран Дабиќ, амбасадор на Република Македонија во НАТО.

Пристапувањето кон ЕУ е дефинирано како едно од највисоките цели на надворешната политика на Република Македонија од нејзиното осамостојување.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ