Осуда од светските лидери за последниот нуклеарен тест на Пјонгјанг

09.09.2016 12:38

Светските лидери го осудија последниот нуклеарен тест на Пјонгјанг. Освен радијација, пробата предизвика и силен земјотрес. Сателитските снимки покажале зголемена активност на локалитетот, но властите не го протолкувале тоа како предупредување...

Северна Кореја призна дека успешно ја извршила петтата нуклеарна проба само неколку часа откако беше регистриран  потрес од 5,3 Рихтери. Во соопштението објавено на државните медиуми се нагласува дека целта на тестот е отпор кон непријателствата на САД. Вашингтон и Пекинг веднаш ги осудија пробите и се заканија со сериозни последици за Пјонгјанг. Осуда упати и францускиот претседател Франсоа Оланд кој го повика Советот за безбедност на ОН да го земе предвид и овој прекршок во Резолуцијата. За јужнокорејските власти, ова е уште една провокација.

„Го предупредуваме Пјонгјанг веднаш, целосно, транспарентно и неповратно, да ги прекине нукеларните и ракетните програми“, изјави Чо Тае-Јонг, советник за национална безбедност на Јужна Кореја.

Според јапонскиот премиер Шинѕо Абе пробата веројатно предизвикала радијација. Пратени се два воени авиона во регионот за да го испитаат нивото на радиоактивни честички.

„Мојата земја ќе ги координира напорите со САД и со Јужна Кореја. Јапонија е непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, така што ќе се обидеме да најдеме соодветен одговор за Пјонгјанг“, рече јапонскиот премиер Абе.

Инцидент се случи и пред неколку дена кога за време на самитот на Г20 беа испалени три балистички проектили кон Јапонско Море.

„Ова е страшно. Јас сум Јапонец и би сакал владата да ги преземе потребните мерки кон оваа земја.“

„Северна Кореја не го усовршила оружјето, па се плашам дека може да се случи несреќа со тешки последици за нас.“

Меѓународните тензии се зголемија по четвртиот нукеларен тест во јануари кога Советот за безбедност ги заостри санкциите за Пјонгјанг.  Сателитските снимки од последните неколку дена покажале зголемена активност на севернокорејскиот локалитет за подземни нуклеарни тестирања, но не биле протолкувани како предупредување за нова проба.