Вечното дерби, евентуално во финалето
31.01.2014 14:14
22-то издание на македонскиот кошаркарски куп, ќе има едно големо возбудување во воведната рунда...

22-то издание на македонскиот кошаркарски куп, ќе има едно големо возбудување во воведната рунда. Ждрепката ги спои Работнички и Куманово. Победникот ќе вкрстува со подобриот од соочувањето меѓу Лирија и Карпош Соколи. На другата 1/4 финална страна, во навидум најизвесниот меч ќе истрчаат Кожув и Фени Индустри, со прогнозите на страната на Гевгеличани. На Струмица и се падна најжешкиот испит, актуелниот двоен носител на двојната круна во нашата кошарка, МЗТ Скопје.
"Струмица е добра екипа, нашиот поранешен капитен Грнчаров сега е капитен на Струмица. Ние секогаш сме фаворити, имаме добар тим, добар ритам, но јасно ни е дека ако не излеземе на терен давајќи се од себе, ќе имаме големи проблеми." - изјави капитенот на МЗТ Скопје Аеродром, Тодор Гечевски.
"Искрено, немам сознанија за нашиот противник во Kупот, не сакам со ова да го потценам, туку едноставно погледите ни се насочени кон АБА-лигата. Купот е натпреварување во кое се случуваат изненадувања, затоа ние ќе мораме да одиграме најдобро што можеме, да го одбраниме трофејот." – беа зборовите на Зоран Мартич, тренерот на МЗТ.
На победа чекаше 12 години, во 2012-та се потсети какво е чувството и сега во улога на фаворит за трилинг, МЗТ Скопје во Охрид, ќе ги донесе 6-те пехари. Струмица нема ниту еден, а најголемиот виновник за тоа, Фени Индустри, има два. Она што ги радува искрените љубители на кошаркара и на спортот воопшто, се најавите од таборот на најтрофејниот, 8 кратниот победник во Купот, кој што ја постави и рекордната серија од 4 победи по ред.
„Можам да кажам дека ни се падна најтешкиот противник во четвртфиналето. Куманово игра одлична кошарка, достојно ја претставува Македонија во БИБЛ-лигата. Ние не би биле сериозен клуб ако не одиме на победа на секој меч. Работнички има сериозни амбиции и се надевам дека ќе дотуркаме далеку." – порача на пресот, тренерот на Работнички, Емил Рајковиќ.
По серијата од 2003-та од 2006-та, Работнички последен пат триумфира против МЗТ Скопје во 2011-та. Сега, приказната е дијамтрелно спротивна. Последните две сезони, со апсолутна доминација победуваше екипата од Аеродром. Вечните повторно имаат шанса да се сретнат во финалето, Работнички има предност 3:2 против МЗТ Скопје во 5-те меѓусебни двобои за титулата. Но, за трофејот во Биљанини извори, ќе мора прво да поминат преку Куманово и Кожув.
Куп дуелите се во еден натпревар, најнепредвидливи и затоа нема прогнози. Следете ги возбудувањата на Македонската телевизија, од 6-ти до 9-ти февруари, сите натпревари, комбинирано на нашите фрекфенции.
