Поплави во Грција: Човечки жртви, поплавени домови, оштетени патишта
Поплавите на Пелопонез одзедоа четири човечки животи. Надојдената вода го блокираше и автопатот Атина- Каламата во должина од 200 километри. Државата прогласи 6-месечна кризна состојба...

Човечки жртви, поплавени домови и објекти, уништени автомобили, оштетени патишта и шестмесечна вонредна состојба во северна Грција и на Пелопонез. Ова го оставија зад себе големите поплави предизвикани од обилниот дожд во Грција. Граѓаните од погодените подрачја велат дека во своите домови имаат и по едно метро вода.
„Ова е најлошата катастрофа што некогаш ни се случила. Имам шест деца и не знам што да правам со нив. Во нашиот дом има еден метар вода. Се е уништено. Ги имаме само алиштата што ги носиме на нас“, вели еден граѓанин.
Поплавите во регионот на Пелопонез однесоа четири човечки животи, додека во солунскиот регион спасувачките екипи се уште трагаат по една 53 годишна жена, која што се води за исчезната од средата. Последен пат била видена како го напушта својот поплавен автомобил близу Солун.
Надојдената вода го блокираше и автопатот Атина- Каламата во должина од 200 километри, а уништени се и повеќе локални и регионални патишта. Носејќи се пред себе, поплавите оставија стравотна слика зад себе. Голем број автомобили беа повлечени во морето или натрупани еден врз друг.
Властите од погодените региони вчера прогласија вонредна состојба која што ќе трае во наредните шест месеци, нагласувајќи дека досега немаат видено волку обилен дожд. Последните големи поплави во Грција се случија во Атина, во октомври 2015, кога освен уништените автомобили и мотори, беше разурната и една зграда.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
