Нелојалната конкуренција- закана за туризмот
Организираат патувања надвор од земјава, а воопшто немаат лиценца за такво нешто. Во туризмот има нелојална конкуренција која е закана за безбедноста на туристите. Агенциите бараат институциите да преземат координирана акција против човек – фирмите.

Домашните туристички агенции се жалат на нелојална конкуренција. Велат дека сивата економија го намалува девизниот прилив од туризмот, го нарушува имиџот на земјава, но и ја загрозува безбедноста на туристите. Според Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора, патувања надвор од Македонија организирале и агенции кои воопшто немале лиценца за такво нешто.
„Може човек – агенција или со двајца вработени да организира патување надвор од државава. Тоа е недозволено и мора да се најде начин како да се спречи тоа поради безбедносна на самите патници“, изјави Славчо Сирачевски, Здружение за угостителство и туризам при СКМ.
Проблем има и со странските туроператори кои аранжманите не ги прават преку агенции од земјава, туку самостојно, а притоа не користат ниту македонски водичи. Туристичките работници бараат измени во Законот за угостителска дејност, но и координирана акција на надлежните институции против човек – фирмите кои нудат туристички услуги, а не соодветствуваат на стандардите.
„Од година на година оваа ситуација станува сè поалармантна. Затоа бараме координирани акции на инспекциските служби за да се проверат понудата и услугите што ги даваат овие човек – агенции“, изјави Асим Меџедовиќ, Здружение за угостителство и туризам при СКМ.
„Сето тоа влијае на девизниот прилив во државната каса, на активирање голем број правни субјекти и поединци кои живеат директно и индиректно од туризмот и влијае на инвестиците во туризмот“, вели Даниела Михајловска Василевска, Стопанска комора на Македонија.
Според податоците на Државната статистика, најмногујбројни се туристите од Турција, а најмногу се задржуваат Холанѓаните. Бројот на туристи во првата половина од годинава е зголемен за 8,6 проценти. Сепак, податоците на Народна банка покажуваат пад од 12,6 проценти на девизниот ефект од патувањата во првото полугодие.
Мартин Пушевски
