Партиите сѐ уште не ги откриваат адутите за пратеничките листи
Партиите сѐ уште не ги откриваат своите адути за пратеничките листи. Не се знаат ниту носителите. Ако Собранието се распушти на 12-ти октомври, кандидатските листи ќе треба да се објават на 18-ти ноември. Новина е што прагот за застапеност на жените е подигнат на 40 проценти...

Партиите сѐ уште не ги обелоденуваат носителите на пратеничките листи во изборните единици. Образложението е дека сѐ уште било рано да се разговара за тоа кои ќе истрчаат први, но и 19- мината по нив, на кандидатските листи во шесте изборни единици.
Во владеачката ВМРО-ДПМНЕ велат:
„Изборните листи ние ги подготвивме претходно, но стравот од пораз на СДСМ неколку пати ги одложи предвремените парламентарни избори. Од тогаш мина многу време и листите ќе претрпат измени.“
Социјал- демократите пак велат дека за кандидатски листи не се разговара, туку приоритет им е формирањето поширок фронт.
Прашањето на МТВ, портпаролот Шилегов го смета за спин:
„Болните спинови на ВМРО-ДПМНЕ имајќи го предвид стравот од извесниот пораз по 11-ти декември го прават токму тоа да се разговара за теми кои релно не постојат.“
И додека ДУИ останаа недостапни за коментар, во ДПА велат сѐ уште е рано за тоа кои ќе бидат нивните кандидати за пратеници. Ако Собранието се распушти на 12-ти октомври, партиите треба во дневниот печат кандидатските листи да ги објават на 18-ти ноември. Три дена подоцна, на 21-ви, започнува изборната кампања.
Тоа што е новина во изборниот законик е наместо 30, прагот е подигнат на 40 проценти застапеност на жените на изборните листи. Законот налага на секои три места најмалку едно да припаѓа на помалку застапениот пол и дополнително уште најмалку по едно место на секои десет.
Миле Ристески
