Стопирана изградбата на објектот спроти МНР
Стопирана е изградбата на објектот кој се наоѓа до новата зграда на Факултетот за драмски уметности. Од „Водовод и канализација“ најавија тужба за инвеститорот - без да се консултира со институциите копал на своја рака и ја оштетил цевката од главната фекална канализација...

Стопирана е изградбата на објектот кој се наоѓа до новата зграда на Факултетот за драмски уметности. Решението на инвеститорот му го врачил градежен инспектор од Општина Центар.
Инвеститорот по наредба од инспектор сега ќе мора да ги обезбеди земјиштетото и околните градби, бидејќи несоодветно го поместил фекалниот колектор и со тоа се оштетила канализационата цевка која го поплави целото градилиште.
„Инвеститорот е должен на местото на градбата да постави табла на која ќе биде јасно наведено кој е инвеститор, што се гради, која е намената, која е квадратурата, кој ја издал и според кој број на дозвола за градба се гради на тоа место. Кога отиде нашиот надлежен градежен инспектор вчера на терен, констатираше дека таква табла не постои“, изјави Катерина Цаневска од Општина Центар.
Мостот околу објектот и денеска е затворен за сообраќај. Полицијата трет ден го обезбедува местото. Екипите на „Водовод и канализација“ ја испумпуваа водата и фекалиите.
Од институцијата најавија тужба за инвеститорот поради тоа што без да се консултира со институциите, копајќи на своја рака, ја оштетил цевката од главната фекална канализација. За овој проблем засега нема реакција од Градот Скопје и од Службата за општи и заеднички работи.
Викторија Милевска
