Настап на саеми за нови деловни партнери и зголемување на извозот
Саемското претставување високо котира на агендите на македонските компании, посебно извозните. Без разлика на технолошко-комуникацискиот светски развој, треба да те видат и да ги видиш идните деловни партнери, велат бизнисмените. За експертите- голема улога игра и стратегијата за настап на светските саеми...

Почнува сезоната на саеми. Компаниите не се откажуваат од саемското претставување, без разлика на напредокот на технологијата и комуникацијата. Треба да те видат и да ги видиш идните деловни партнери, е мотото на бизнисмените. Само се менува фокусот- повеќе глобални, а не регионални саеми.
„Саемите го имаат оној непосреден допир на човек со човек кој и понатаму ќе има клучно значење во воспоставување на партнерски односи меѓу компаниитењ“, вели бизнисменот Љупчо Белески, кој работи во прехранбената индустрија.
Делотворни, профитни, го прошируваат работењето, се стекнуваат нови деловни партнери
„Ако направиме споредба пред четири години кога почнавме да се претставуваме на саеми и сега, нашиот обем на работа е зголемен за повеќе од три пати“, изјави Бобан Митрески, текстилна индустрија.
Стопанската комора и компаниите сериозно ја сфаќаат саемската презентација. Се бара државата да покаже поголема поддршка.
„Треба да имаат некоја презентација како на национално добро на одредени саеми, каде покрај компаниите ќе се презентираат и ресурсите на нашата држава“, изјави Ирена Јакимоска, Стопанска комора.
Визуелниот и личен контакт останува пресуден и се главните адути на саемското претставување. И за компаниите и за потрошувачите. неопходна е голема деловна стратегија, не ретко пресудна за успехот, сметаат експертите.
„Од суштинска важност е средбата помеѓу партнерите. Колку добро ќе биде организиран настанот, толку поголема ќе биде и привлечноста за одредена компанија“, вели Снежана Обедниковска, економски експерт.
Саемите, оние светски познатите се на врвот на агендата на македонските компании, посебно извозните. Ако стратегиски се изберат вистинските- успехот е загарантиран.
Елизабета Митреска
