Со „Ослободување на Скопје“ отворен 37-миот ИФФК „Браќа Манаки“

11.09.2016 14:11

Филмска сторија која го обработува животот на населението што останало по депортацијата на евреите. Преку објективот на директорот на фотографија Дејан Димески и очите на осумгодишниот Зоран најдобро се доловува голготата за она што треба да се направи за да се преживее.

Љубителите на филмската уметност со громогласен аплауз го наградија најновото режисерско остварување на двоецот Раде и Данило Шербеџија. Филмска сторија која го обработува животот на населението што останало по депортацијата на евреите. Преку објективот на директорот на фотографија Дејан Димески и очите на осумгодишниот Зоран најдобро се доловува голготата за она што треба да се направи за да се преживее. Реализацијата на филмот беше и многудамнешна желба на поискусниот дел од режисерскиот тандем Шербеџија.

„Но морам да кажам дека не е целта да се исполни само сонот, опсесијата, туку мислам дека мора и да се кажи зошто тоа го работиш, што е тоа што сакаш да му го покажеш на светот. Оваа приказна не ме провоцираше само затоа што е одличен драмски текст туку и нејзината актуелност“, вели Раде Шербеџија.

„Во работата не дозволивме да се почувствуво односот син- татко. Напротив влегов опуштено, единствено стравував од одлуките чија ќе биде онаа последната. Добро ги поделивме задачите. Раде повеќе работеше со актерската екипа, а јас на техниката. Во секој момент знаевме што сакаме“, вели Данило Шербеџија.

Во ова македонско- хрватско- финска копродукција настапуваат актери од различни говорни подрачја. Вниманието на јавноста свртено кон малиот Давид Тодосовски.

На годинешното издание на најстариот фестивал во светот посветен на кинематограферот ќе бидат прикажани 150 филмски остварувања од различни жанрови, а филмоманите преку предвидените мастер класови ќе можат од блидску да се запознаат со дел од светски познатите директори на фотографија, добитници на најпрестижните награди.

 

Стевче Митревски