Мигрантската криза не попушта, во Грција над 60 илјади луѓе од кризните жаришта

12.09.2016 11:36

Мигрантската криза не попушта. Само во Грција во моментов се наоѓаат повеќе од 60 илјади луѓе од кризните жаришта, распоредени низ целата земја. Најголемиот дел од од нив се наоаѓаат во Еленико, населба во Атина која стана дом на многу луѓе од Авганистан, Ирак или од Сирија...

Стариот аеродром во атинската населба Еленико во моментов претставува дом за околу 4.000 мигранти.  Дел од нив, по повеќегодишните и неуспешни обиди за добивање азил, сега сакаат или мораат да бидат вратени во родните земји.

Таза е вдовица и мајка на 6 деца, која што е бегалец од Авганистан. Нејзиното семејство пристигнало во Грција во април годинава, но поради повеќе бирократски препреки, таа не била во можност да поднесе барање за азил. Без парични средства и со шест деца за хранење, таа реши да се врати во Авганистан, иако вели дека е исплашена од помислата. 

Не може да се живее во Авганистан, таму има војна цело време. Децата се плашат, јас сум исплашена. Немаме на кого да се потпреме за егзистенција. Син ми е исплашен и не сака да се врати назад. Но, јас решив да се вратиме“, вели Теза, бегалец од Авганистан.

Теза и нејзините деца ќе бидат вратени во Кабул со посредство на волонтерската програма за репатријација што функционира во рамките на Меѓународната организација за миграција.

Јусуф, кој што исто така доаѓа од Авганистан, веќе 13 години се обидува да добие документи за легален престој во Атина. Но, неговото барање за азил е одбиено и тој сега се соочува со репатријација, нешто на што вели дека не се надевал кога го напуштил Авганистан во 2003, по влегувањето на НАТО трупите.

Во тоа време, знаете ли колку луѓе беа убиени? Јас би рекол дека во тој период убиени беа околу 70.00 лица.  Многу би сакал да имам семејство бидејќи имам 42 години. Годините минуваат и не сакам да ја испуштам таа можност. Но, најпрвин сакам да добијам документи, се да биде легално“, вели Јусуф, бегалец од Авганситан.

Во Грција во моментов се наоѓаат над 60.000 бегалци, распоредени по целата територија на земјата.

 

Марија Котовска- постојан дописник од Атина за МРТ