Последици од земјотресот: Се подобрува здравствената состојба на повредените
Повеќе од 200 луѓе се јавиле за помош во болниците во главниот град, по силниот земјотрес. Стрес, висок крвен притисок, повреди. Тројца се оперирани. Сите се во добра здравствена состојба – велат лекарите.

Тројцата оперирани пациенти, повредени во земјотресот, се во добра здравствена состојба. Останатите кои биле примени на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, со отворени рани, контузии, набиеници,дисторзии се лекувани и веќе се пуштени дома. Вкупно, на оваа клиника за помош се јавиле 70-ина граѓани.
„Луѓето се повредени при настаната паника. Голема среќа е што немаше пациенти во витално загрозувачка состојба, не хоспитализиравме такви пациенти. Состојбата е веќе смирена, нема нови пациенти кои се јавија како резултат на вчерашните настани“, изјави доктор Нино Груевски, ЈЗУ Универзитетска клиника „Свети Наум Охридски“.
И докторите од Градската општа болница „8 септември“ имале полни раце работа. Во Ургентниот центар по земјотресот биле примени и лекувани 130 пациенти. Некои се пожалиле на висок крвен притисок, други биле под стрес, трети се здобиле со механички повреди, настанати при напуштањето на своите домови во страв од земјотресот.
„60-ина имаа потреба од хируршка грижа и нега, односно потреба за лекување на повредите настанати при земјотресот. Уште 60-ина имаа потреба од интернистички преглед и лекување, како резултат на преживеан колапс, промена на крвниот притисок, а дел беа лекување со соодветна терапија за стресот што го преживеале“, вели Тоде Вранишковски, доктор во ГОБ „8 септември“.
„Имаше голем број на напади на паника, луѓето беа згрижени, добија соодветна терапија и во подобрена состојба беа пуштени на домашно лекување“, изјави Александар Каревски, доктор во ГОБ „8 септември“.
По земјотресот се вжештија линиите на Итната медицинска помош. Во болниците во главниот град се работеше со зајакнати медицински тимови, а други доктори биле на повик.
Мартин Пушевски
