Сирија: Приквечер почнува прекинот на огнот
Прекинот на огнот во Сирија почнува вечер. За време на викендот, владините сили извршија напади врз бунтовниците. Претседателот Башар ал Асад го поздрави договорот меѓу САД и Русија за десетдневното примирје во Сирија склучен во Женева.

Слободната сириска армија му вети на Вашингтон дека ќе соработува во рамките на спогодбата која беше склучена со Москва за прекин на огнот. Во Женева, САД и Русија договорија план за реактивирање на процесот, кој вклучува примирје во целата држава почнувајќи од 12 септември, односно првиот ден од мислиманскиот празник Курбан бајрам. Документот гарантира и подобрена достава на хуманитарна помош и заеднички напади врз забранетите групи како што се фронтот Ал Нусра и Исламска држава.
„Ова не е крај на патот, туку почеток на нови односи. Се надеваме дека сите кои ги почитуваат мирот и интегритетот на мултиетничката и мултиверска Сирија ќе го почитуваат и нашиот договор“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Претседателот Башар ал Асад го поздрави договорот кој беше склучен по неколкумесечни преговори. Бунтовниците на групата Ал Шам не се согласуваат со точките од договорот, тврдејќи дека оние коишто страдале шест години не прифаќаат половични решенија.
За време на викендот, сириската војска изврши воздушни напади во кои загинаа стотина луѓе. Според сириските активисти, и руските авиони имаа активности во градовите Идлиб и Алепо.
Конфликтот во Сирија почна со протест против Асад пред пет години. Досега загинале 250 илјади луѓе. Милиони избегаа во Европската Унија, а скоро 18 милиони останаа во татквината.
