Медијација за брзо и економично решавање на споровите меѓу компаниите

12.09.2016 13:59

Лиценцирани медијатори во согласност на двете страни ќе можат во рок до 60 дена да најдат решение како спогодбено да се надмине проблемот. Од Комората велат на овој начин драстично ќе се намалат трошоците на странките.

Освен преку суд компаниите можат да ги решаваат меѓусебните спорови и вонсудски, по пат на медијација. Постапката ја води обучен медијатор со положен испит кој има рок до 60 дена да најде прифатливо решение за двете страни. Првичниот интерес кај фирмите за брзо, ефикасно, доброволно и без присуство на јавноста решавање на спорови охрабрува.

„Од февруари досега во просек по 10 фирми месечно барале листа на медијатори од Комората за користење на нивните услуги во решавање на меѓусебни спорови“, вели Јелисавета Георгиева од Стопанската комора на Македонија.

Засега во светот медијацијата како вонсудски начин за решавање на спорови меѓу фирмите најмногу се користи во Холандија и во САД. Медијацијата е доброволна, рамноправна, ефикасна и неутрална постапка која во однос на адвокатските трошоци е три пати поевтина.

„Со солемнизација кај нотар спогодбата пред медијатор добива извршен карактер“, вели Илија Манасиев, Асоцијација за поддршка на медијацијата.

Листата на лиценцирани медијатори, кои засега се 12, ја води Министерството за правда. Нивните услуги можат да се користат при најразлични спорови.

„Според Законот за медијација таа може да биде применета кај имотно-правни спорови, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови во областа на образованието, заштита на животната средина“, изјави Славе Младеновски, Асоцијација за поддршка на медијацијата.

Засега законодавецот предвидел задолжително користење на медијацијата кај стопанските спорови за парични побарувања чија вредност не надминува милион денари и тоа пред странките да поднесат тужба пред суд.

 

Свето Николовски