Се пријавуваат штети, се осигуруваат имоти
Нови земјотреси го тресат Скопје. По силниот од вчера, граѓаните пријавиле 300 штети. Забележан е зголемен интерес за осигурување на имотот. Некои осигурителни компании, размислуваат дали да ги укинат полисите кои се однесуваат на вакви природни катастрофи...

Центарот за управување со кризи до изутрината добил 300 пријави за штети од вчерашниот земјотрес на територијата на Скопје. На телефонот 195 граѓаните се пожалиле на оштетувања на фасади од куќи и згради, скршени прозорци во Ченто, Црниче, Шуто Оризари, Синѓелиќ, Драчево, Ракотинци и Мичурин. Овој човек денеска дојде да ја пријави штетата во компанијата каде што е осигуран. Вели дека ѕвонел и на телефонскиот број 195, но линијата е зафатена.
„Зафатено е нон стоп, после 15 часот се јавив но не можеше да се воспостави врска. Речиси во сите простории плафоните ми се оштетени“, вели еден граѓанин.
Од ЦУК апелираат граѓаните кои имаат штети од вчерашните земјотреси, податоците да ги доставуваат и на електронската адреса на центарот. Дали пријавувањето значи и дека државата ќе помогне во обештетување или се прави само регистар? Од ЦУК немаа одговор.
„Во текот на денешниот ден екипи од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија заедно со претставници од скопските општини, ќе прават увид на патната индфраструктура, водовод, канализација, топловодите и на струјоводите, за да откријат евентуални оштетувања од земјотресот. Увид ќе направат и во станбените згради и останатите објекти за домување, каде што се пријавени штети“, изјави Надица В’чкова, портпарол на ЦУК.
Ѕвонат телефоните и во осигурителните компании. Забележан е зголемен интерес за осигурување на имотот по вчерашните земјотреси. Граѓаните се распрашуваат за условите и полисите што се нудат. Од една од компаниите не информираа дека само седум проценти од осигурениците имаат полиса која покрива и земјотрес.
„Просечно можам да кажам дека еден стан од 70 квадрати ако сака некој да го осигура, ако основното осигурување чини околу 2.000 денари, осигурувањето од земјотрес ќе чини околу 1.200 денари дополнително“, вели Горан Михајловски, агент во компанија за осигурување.
Временските непогоди и природните катастрофи покажаа дека македонските граѓани имаат потреба од осигурување на имотот. Веднаш по полавите на 6-ти август во пораст е бројот на купени полиси за осигурување на имотот од поплави, но и од земјотрес, велат од осигурителните компании.
„Утринава има јавувања, но во помал број од страна на нашите осигуреници, има повеќе јавувања за обнова на полиси и нови клиенти. Ние се трудиме да им објасниме кои полиси се со какви покритија, за да знаат што осигуруваат и да бидат сигурни понатаму“, велат од Винер осигурување.
Во една ваква ситуација загрижува сознанието до кое дојде МТВ дека една од осигурителните компании неделава ќе одлучува дали да ги укине полисите кои се однесуваат на случаи на земјотрес. Останува да се види дали ова ќе биде исклучок или и другите ќе го следат овој чекор.
Сунчица Николоска
