Уништени 1.000 хектари земјоделско земјиште во поплавите
Илјада, од вкупно 3.000 хектари земјоделско земјиште е уништено во поплавите во скопско, проценка на професори од Земјоделски факултет на терен. Првичните анализи покажале дека нема загаденост на земјата со тешки метали и со патогени бактерии.

Од вкупно 3.000 хектари земјоделско земјиште колку што има во реонот погоден од поплавите во Скопско, силното невреме уништило околу 1.000. До ваков заклучок дошле професори од Земјоделскиот факултет кои на терен правеле проценка. Земјоделската инфраструктура е целосно уништена, велат професорите, а првичните анализи покажале дека нема загаденост на земјата со тешки метали и со патогени бактерии.
Одговорноста за поплавите, професорот Трендафилов во 90 насто ја лоцира кај институциите и само 10% кај локалното население. Вели, проблемите се маскираат, наместо да се решаваат. Критикува дека од осамостојувањето на земјата не е направен ниту еден проект за уредување на водотеците, бидејќи, како што вели, институциите одговорни за водостопанството одамна се затворени и не постојат.
Непланската градежна експанзија, нелегалната сеча на дрвата и затрупаните со ѓубре канали, велат професорите, се дел од причините зошто скопската поплава доби таков епилог. Согласни се дека постоги казни ќе ги дисциплинираат граѓани кои фрлаат ѓубре во каналите, а за справување со поплави ќе треба целосно нова законска регулатива.
Анита Димитријевска
