Исламските верници слават Курбан Бајрам
Со утринската молитва Сабах-намаз, и со молитвата Бајрам-намаз почна тридневната прослава. Муслиманите го слават Курбан Бајрам. Поглаварот на Исламската верска заедница побара од верниците хуманост и правење добри дела...

На првиот ден од Курбан Бајрам кај муслиманските верници традиционалната баклава се наоѓа на трпезата. Таа е симбол на величината на милостивоста и солидарноста, со желби за добро здравје, разбирање и благосостојба. Верниците одат на гости кај своите роднини, но велат се почитуваат и соседите и оние од христијанска вероисповед.
На првиот ден од празникот се изведува молитвата за бајрам – намаз, со која верниците бараат милост од алах. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да се поклонат на светата Ќаба во Мека. Курбан Бајрам секогаш се паѓа во ист ден според Исламскиот календар, но според Грегоријанскиот календар датумот е различен од година во година.
Овој празник, уште се нарекува празник на жртвата, затоа што тогаш се принесува жртва- курбан, се карактеризира со тоа што побогатите им помагаат на сиромасите. Оние кои принеле жртва, потоа раздаваат од месото на сиромашните, соседите и роднините.
По повод празникот честитки до верниците од исламска вероисповед. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски нагласува дека нашите вековни традиции придонеле да си помагаме едни на други, без разлика на вера, националност или друга определба.
Премиерот Димитриев, присуствуваше на приемот по повод Курбан Бајрам во организација на поглаварот на Исламската верска заедница.
Духовната сила што ја носи овој голем празник нека биде силен поттик за секого, посилен од секогаш, да застане зад вредностите што го отвораат патот кон мирен и достоинствен живот се вели во честитката од претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Духот на солидарноста, кој е симбол на овој празник, нека ги води сите верници и нека биде поттик кон добри дела како кон блиските, посиромашните и болните, се вели во честитката на претседателот ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Дијана Ценевска
