Експерти: Изборите нема да се одложат заради 6-тата изборна единица

12.09.2016 16:34

Додека Министерството за правда го смислува решението за 6-тата изборна единица каде има вишок на гласачи од предвидениот број, експертите велат за такво техничко прашање нема причина изборите да се одложат...

Додека Министерството за правда го смислува решението за 6-тата изборна единица каде има вишок на гласачи од предвидениот број, експертите велат за такво техничко прашање нема причина изборите да се одложат. Поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски коментира, ако партиите се договорија за многу потешки прашања, ова за вишокот гласачи во 6-та може да се реши веднаш.

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ се согласуваат дека нема простор да се проблематизира прашањето околу одржување на изборите во декември поради 6-ката. Во СДСМ велат институциите да го решат проблемот. Досега не разговарале со останатите партии.

Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека треба да се преземат чекори со кои преку изборниот законик бројките на гласачи во изборните единици ќе се доведат во законски рамки. Тие се што ќе биде предложено ќе прифатат.

До распуштање на Собранието има уште цел месец. Доволен период Министерството за правда да го достави решенето до пратениците. Иако процентот изгледа мал 0,28 насто повеќе избирачи од законски пропишаното сепак станува збор за реално не занемарлива бројка на електоратот во 6-та изборна единица.

Инаку, на средбата меѓу премиерот Емил Димитриев и амбасадорот на Европската Унија Самуел Жбогар била истакната посветеноста на Владата за спроведување на фер, кредибилни и демократски избори како единствено решение за политичката криза.

 

Миле Ристески