Прилеп: Недоволни капацитети за сместување на децата во градинка
Сместувањето дете во градинка е проблем за општините. Сегашните капацитети се недоволни. Прилеп се обидува со адаптирање простор да го ублажи проблемот. Неопходна е изградба на голема детска градинка. Инаку, во државава според Министерството за труд и социјална политика годинава треба да има 15 нови градинки...

Да се смести детето во градинка е како лото добивка. Со месеци па и повеќе од една година се чека на листите во Прилеп. Родителите на големи маки.
„Чекаме од лани од февруари, тешко многу, едвај сега со тешки маки успеавме да го запишиме детево“, изјави Томче Велкоски, родител.
„Проблем е, треба барем најмалку уште две да се отворат. Ние сме од населбата Точила, а го носиме детето во центар“, вели Сашко Ангелески, родител.
Родителите признаваат- не е наодмет да се фати врска.
„Големи врски треба, многу деца на ред за чекање, мора да се преземи нешто“, изјави Томче Велкоски.
Во петте прилепски градинки се згрижени 890, а на долгата листа чекаат преку 300 деца. Може ли Прилеп да го реши долгогодишниот проблем?
„Во моментот доколку би имале една градинка со капацитет од 15 до 20 групи би го решиле проблемот со згрижување“, изјави Христина Трпческа, градинки „Наша иднина“.
Засега се адаптираат простори за да се ублажи проблемот. Но, неопходна е нова градинка.
„Со сите овие капацитети кои во блиска иднина треба да се отворат ќе бидат згрижени околу 200 дечиња, меѓутоа, потребата ќе биде за уште околу 150 до 200 деца“, вели Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Во прилепскиот работнички универзитет е адаптиран простор за градинка за 60 деца. Иако, првично, дел од просторот беше наменет за децата од улица. Според надлежните, ако има потреба, децата од улица ќе се згрижуваат во градинката.
Елизабета Митреска
