Скопје сѐ уште се тресе

12.09.2016 17:07

Попладнево, 20-ина минути по 14 часот е регистриран нов земјотрес со јачина од 3,7 степени по Рихтер. Сеизмолозите велат дека последователните потреси се нормална појава...

Нов земјотрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала го потресе Скопско во 14 часот и 19 минути. Епицентарот бил девет километри североисточно од Скопје, во близина на Црешево, на длабочина од пет километри. Серијата потреси во околината продолжува. Сеизмолозите повторуваат дека нема простор за паника затоа што земјотреси со умерен интензитет како вчерашниот од 5,3 според Рихтер во скопското епицентрално подрачје се повторувале на 100 години.

„Од вчера имаме регистрирани стотина земјотреси од кои што 10- 15 се почувствувани покрај умерениот земјотрес. Морам да апелирам до граѓаните да не се крева паника бидејќи во скопското епицентрално подрчје, период на повторување е 100 години. Последниот ваков земјотрес беше во 1921 година, а тоа беше земјотрес со јачина од 4,8. Овие потреси се од нормалната сеизмичка активност која ја дава скопскот епицентрално подрачје“, изјави за МТВ д-р Драгана Черних-Анастасовска, од Сеизмолошката опсерваторија.

Велат, последователните потреси се нормална појава. На пример, по земјотресот во валандовско во 2009- тата со јачина од 5,2 степени, биле регистрирани над 1.500 потреси. Скопје е подложно на земјотреси, велат од Институтот за земјтресно инженерство.

„Во најголем број на случаи нормална појава е да има повеќе т.н. афтершокови или потреси со послаб интензитет од претходниот. Со големиот земјотрес практично доаѓа до пореметување на структурата на расадот на самото тло. Треба да дојде до смирување, тоа не е еднократно поместување. Може да има мали земјотреси, ние викаме тлото треба да се смири, да си дојде дома, да се стабилизира. Битно е тоа што вакви земјотреси не предизвикуваат штети. Предизвикуваат непријатност, страв, паника кај граѓаните. Ние апелираме дека нема простор за паника со овој тип на земјотреси, од овој интензитет“, изјави проф. д-р Зоран Ракичевиќ, Институт за земјоделско инженерство и инженерска сеизмологија.

Ракичевиќ објаснува дека големи оштетувања не би требало да има на објекти кои се градени според неопходните стандарди.

Паниката и нагло непромислените постапки се најголем проблем при што настануваат и повреди, велат надлежните. Апелираат на смиреност.

 

Наташа Гркова- Петрушевска