Мостот кај МНР прооден и за пешаци и за автомобили

12.09.2016 17:16

И по речиси една недела сѐ уште се испумпува водата од дупката во центарот на Скопје каде при градба на комерцијален објект беше оштетена канализациска цевка. На екипата на МТВ не ѝ беше дозволен пристап за да провериме дали инвеститорот ги обезбедил околните објекти од оштетување како што му беше наредено од институциите. Градежни експерти дел од вината за случајот ја лоцираат во недостиг на подземен катастар...

Шести ден трае проблемот кај земјиштето спроти Министерството за надворешни работи. Сѐ уште се санираат штетите. Екипата на МТВ не можеше да провери дали инвеститорот го обезбеди земјиштето и околните градби, што беше наложено од инспектор. Несоодветното поместување на фекалниот колектор минатата недела оштети канализациска цевка која го поплави целото градилиште и направи застој во сообраќајот.

Екипите на водовот и канализација ја испумпаа водата, местото се тампонира. Мостот е прооден и за пешаци и за автомобили.

Експерти од Градежниот факултет во Скопје за МТВ оценуваат дека еден од главните проблеми е подземниот катастар, оти изведувачите не знаат на што ќе наидат при изведување градежни зафати. Моментално се изработува и регистар на инфраструктура но не е целосно дозавршен. Професорот Дарко Наков вели дека во случајов се работи и за недостаток на заштита на градежната јама, што треба да го има секој инвеститор пред да отпочне со градба.

„Такво оштетување на цевка од фекална канализација сметам дека не би требало да претставува сериозна опасност за соседните објекти. Меѓутоа таа вода, она што може да го предизвика на почвата во градежната јама и потоа градежната јама, ако не е заштитена да го предизвика на соседните објекти тука веќе сериозноста е голема. Можно е да се случи и соседните објекти да претрпат оштетување доколку доколку градежната јама пред се пак го ставам акцентот задолжително мора да биде изваден елаборат за заштита на градежна јама“, изјави професорот Дарко Наков, Катедра за бетонски и дрвени конструкции на Градежен факултет.

Градежен инспектор од Општина Центар веќе ја стопираше изградбата на објектот. Инвеститор на објектот во градба е компанијата „Волис проперти“ за кого „Водовод и канализација“ најави тужба поради тоа што без да се консултира со институциите копајќи на своја рака ја оштетил цевката на главната фекална канализација.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска