Здравствената состојба на Хилари Клинтон- главна тема на изборната кампања

13.09.2016 10:28

Здравствената состојба на претседателскиот кандидат Хилари Клинтон стана главна тема на изборната кампања во Соединетите Американски Држави. Минатата недела таа мораше со помош на нејзиното обезбедување да ја напушти церемонијата за оддавање почит на жртвите од терористичките напади. Нејзиниот противкандидат Доналд Трамп најави дека јавни ќе ги објави наодите за неговото здравје.

Хилари Клинтон предвреме замина од обележувањето на 15-годишнината од терористичките напади во Њујорк со помош на нејзиното обезбедување од Тајната служба. Овие инсерти повторно го отворија прашањето за здравјето на демократскиот претседателски кандидат. Минатиот јули одговарајќи на новинарски прашања беше снимено со камера нејзиното неконтролирано тресење на главата. Од изборниот штаб на Клинтон соопштија дека таа има пнеумонија и дека ќе ги одложи планираните донаторски конференции во Калифорнија. Клинтон неколку пати заборави што да каже на митинзи. 

Републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трамп пред еден месец изјави дека Клинтон не е физички и ментално подготвена да биде американски претседател, но не сакаше да шпекулира што не е ред со нејзиното здравје. Тој најави дека наскоро ќе ги објави резултатите од неговата лекарска контрола.

„Можам да видам дека кашлаше пред една недела. Претпоставувам дека е од пнеумонија. Нешто не е во ред, но се надевам дека ќе биде подобра и дека ќе се врати во кампањата. И ќе се видиме на дебатата“, изјави Трамп.

Во американската јавност веќе циркулираат теории дека Клинтон боледува од Паркинсова болест. Во деќември 2012 кога беше државен секретар таа беше хоспитализирана поради потрес на мозокот, поради што мораше да го одложи и нејзиото сведочење за Бенгази во Конгресот. Клинтон и Трамп имаат речиси изедначена поддршка од гласачите.

Кој ќе стане нов американски претседател, ќе одлучат неопределените гласачи, коишто своето мислење ќе го формираат по трите претседателски дебати.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ