Судењето одложено, членовите на Левица не смеат да ја напуштаат државата
Се одложи судењето за членовите на партијата Левица обвинети за демолирање на канцеларијата на претседателот Иванов. Судот очекува МВР да достави податоци за прекршочните постапки кои се водат против останатите учесници во протестот за да се утврди кој колку направил штета на објектот. Ново судење е закажано за 18 октомври...

Иако пасошите им се вратени, сѐ уште стои забраната за напуштање на земјата. Членовите на политичката партија Левица не можат да патуваат надвор од Македонија. Се сомневаат дека МВР намерно не ја трга забраната и, како што велат, се изживува врз нив само затоа што биле членови на „Шарената револуција“.
Здравко Савески и Владимир Куновски се обвинети дека на 13 април заедно со други демонстранти намерно ја искршиле Канцеларијата на претседателот Иванов револтирани од одлуката на шефот на државата да помилува 56-мина. Судскиот процес кој требаше да продолжи денеска беше одложен затоа што судот се уште не ги добил податоците од МВР за прекршочните постапки кои се водат против единаесетмина демонстранти.
Ново судење е закажано за 18-ти октомври. Државното правобранителство штетата од искршената канцеларија ја процени на 522 илјади денари. Освен Савески и Куновски уште тројца демонстранти кривично одговараа за учество во толпа што ќе направи кривично дело и добија условни казни.
Анита Димитријевска
