Меѓународна безбедносна конференција во Охрид

Лицата кои се враќаат од странските боишта- потенцијална закана

13.09.2016 15:26

Државите од регионот се соочуваат со потенцијална безбедносна закана како резултат на враќањето на лицата кои војуваат на странските боишта. Ова е оценка на учесниците на меѓународната безбедносна конференција на која се расправа за менаџмент и преговори во кризни ситуации...

Безбедносната ситуација во Република Македонија е стабилна, но сепак се реални заканите и предизвиците со кои се соочуваат и другите држави во регионот и Европа. Враќањето на лицата кои војувале на странските боишта се потенцијална закана, која покрај на национално ниво треба да се решава преку интензивна соработка со партнерските служби во регионот и во рамките на меѓународните безбедносни институции.

„Различни непредвидливи или променливи форми на ризици од тероризам, од исламски фундаментализам, фактот што има борци од Република Македонија на боиштата во кризните региони, фактот што се враќаат дел од тие, фактот што имавме ефективни истраги и фактот што има нивни подржувачи е сам по себе потенцијал за загрозување, кое што треба внимателно и систематски да го следиме, анализираме, да го превенираме и сузбиваме“, изјави Митко Чавков, директор на Бирото за јавна безбедност при МВР.

Експертите по безбедност сметаат дека е доволна само мала искра за да се дестабилизира регионот.

„Доволен е еден мал инцидент за да предизвика дестабилизација. Јас се надевам дека немаат толку голема сила за да го направат тоа, но со сигурност не можам да тврдам. Мислам дека има потенцијална опасност“, вели Самир Мировиќ, дирекција за координација на полициските тела на БиХ.

На Меѓународната безбедносна конференција во Охрид се расправа за менаџирање и преговори во кризни ситуации. Македонскиот тим во соработка со странски партнерски служби се обучува уште од 2004 година. Тој е веќе етаблиран, со искусни преговарачи, кои се веќе обучувачи не само на национално, туку и на меѓународно ниво.

 

Сашо Нелоски