Европски ревизорски суд: Намалување или запирање на помошта од ЕУ за Западен Балкан
„Значителни недостатоци“ во националните влади. Ова е една од забелешките на Европскиот ревизорски суд за земјите од Западен Балкан во најновиот извештај за трошењето на помошта од Европската унија за периодот 2007-2014. Оваа институција предлага намалување или запирање на финасирањето на проектите од претпристапните фондови на ЕУ, за да ги охрабри властите во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија да дејствуваат во согласност со барањата...

Во извештајот се прецизира дека во земјите од Западен Балкан постои „слаб административен капацитет“, но и „недостиг на политичка волја за реформи на институциите“ во некои земји. Ревизијата утврди дека во земјите од Западен Балкан релативно малку се инвестирало во областа на реформите во судството, слободата на медиумите и мерките за справување со корупцијата и организираниот криминал.
„Европската комисија треба систематски да ги применува и да ги следи строгите услови“, наведува членот на Европскиот ревизорски суд, Иштван Шаболч Фазакаш, додавајќи дека доколку е неопходно идните плаќања би можело да бидат намалени или прекинати.
Предупреди дека политичкиот дијалог со ЕУ треба да се фокусира врз реформите во судството, така што земјите од Западен Балкан да не бидат зафатени со корупција и организиран криминал до моментот на нивното пристапување во Унијата.
Ревизорите, исто така открија дека Бугарија и Романија кои и се приклучија на ЕУ во јануари 2007-ма година, како и Хрватска во 2013-та, не биле подготвени за членство. Ревизорите, дури и дале негативно мислење.
Тогашниот комесар за проширување, Оли Рен, само одговорил: „За жал, тоа е премногу доцна, рацете ми се врзани, политичката одлука за влез на Бугарија и Романија веќе е донесена.“
Затоа Европскиот суд на ревизори нагласува дека сакаат да се избегне сличната ситуација во идните проширувања, за кои сега нема политички притисоци. Напротив, Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисија, најави дека нема да има проширување до крајот на неговиот мандат во 2020-та.
Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ
