ОМД и економскиот промотор во Вашинтон во кавга
Обединетата македонска дијаспора и економскиот промотор Оливер Ристиќ се во отворена кавга. Расправијата започна на социјалните мрежи за помошта од иселениците за луѓето од поплавените места.

Поплавите во Скопје предизвикаа реакции во Вашингтон. Обединетата македонска дијаспора и економскиот промотор Оливер Ристиќ се во отворена кавга. Расправијата започна на социјалните мрежи за помошта од иселениците за луѓето од поплавените места.
„Не се во прашање неговите критики кон дијаспората дека не прави доволно за татковината, туку погрдните зборови кои ги искористи во дебатата, како клошари, гниди, и тоа не само кон членовите на ОМД, туку и беа насочени и кон луѓе кои воопшто не се членови на нашата организација, кои се од дијаспората и кои помагаат“, изјави Методија Колоски, Обединета македонска дијаспора.
Економскиот промотор во Вашингтон, Оливер Ристиќ, во контранапад. Смета дека Обединетата македонска дијаспора е човек – организација на Мето Колоски, кој за тоа зема пари. Според Ристиќ, тој на социјалната мрежа реагирал приватно, а не како јавен функционер.
„Тој рече дека членството на ОМД од 200 илјади луѓе собрало 17 илјади долари. Јас реплицирав дека една фирма во Македонија дала повеќе пари, односно дека дале по 8,5 центи од човек, што е смешно. Јас приватно имам право на свое мислење, никаде не се обратив како Агенција за странски инвестиции или Амбасада да дадам свое мислење“, изјави Оливер Ристиќ, економски промотор во Вашингтон.
Од Синдикатот на македонската дипломатска служба велат дека на Македонија и на ОМД им е нарушен угледот. Оттаму побараа економскиот промотор да биде вратен во земјава. И од Обединетата македонска дијаспора сметаат дека поради тоа што Ристиќ извршува јавна функција и има дипломатска патна исправа треба да биде отповикан. Тој, пак, вели дека и претходно најавил дека заминува од функцијата.
„Мислиме дека мора има некаква обука за економските промотори за дипломатско однесување, особено кога се во прашање најдипломатските центри каков што е Вашингтон“, вели Колоски.
„Јас уште пред летово најавив дека ќе си одам. Мојата цел беше да донесам инвестиција, да остават трага па да си одам, а тоа се случува во моментов и најавив дека ќе си одам во декември“, нагласува Ристиќ.
Иако Синдикатот побара реакција од Министерството за надворешни, од МНР укажуваат дека независно што Ристиќ има дипломатска патна исправа, одговор треба да се бара од Агенцијата за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот. Директорот на Агенцијата Фида вели дека има отворен конкурс за сите промоторски места и дури трае конкуресот не може да коментира.
Мартин Пушевски
