Градбите во Скопје- сеизмички стабилни
Дали во Скопје се почитува законот и се гради според стандардите за да издржат посилен земјотрес? Оваа дилема ја имаат многумина по последните серија земјотреси. Од Институтот за земјотресно инженерство објаснуваат дека проектантите мора да ги почитуваат прописите за градење и сеизмика, ревизијата и надзорот гарантираат со својот потпис, но ИЗИИС врши контрола дали е испочитувана процедурата за проектираниот степен...

Генерално, градбите во Скопје се сеизмички стабилни, проектирани да издржат земјотрес до деветтиот степен. Единствено ранливи се постарите објекти подигнати пред седумдесетите- тврдат екпертите и сеизмолозите. Убедуваат, простор за паника нема, земјотресите што се случуваат не може да ја оштетат конструкцијата, да урнат згради или куќи, може да предизвикаат само помали оштетувања на внатрешни ѕидови.
„До јаки земјотреси е нормално, тоа се проектирани штети кои може да се јават во неконструктивните прегради, помеѓу два стана, ѕидови внатре во станот, фасадните ѕидови. Најранливи градби секако се оние од пред земјотресот од ’63-та, тоа се класичните ѕидани објекти, градени од тула, кај кои постојат или не постојат хоризонтални и вертикални армирани бетонски елементи“, вели проф. д-р Зоран Ракичевиќ, ИЗИИС.
Механичката отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбите е под лупа на Институтот за земјотресно инженерство. Од таму тврдат, проектантите мора да ги почитуваат прописите за градење и сеизмика, ревизијата и надзорот гарантираат со својот потпис, но ИЗИИС врши конторла дали е испочитувана процедурата за проектираниот степен. Без зелено светло, нема ниту градба ниту технички прием. Познавачите велат, законите се почитуваат
„Можно е да постојат некои градби, но ми се чини дека тоа се обично во рурални средини каде некој си гради на своја рака. Законската регулатива, јас сум убеден дека се почитува. Проектите се на задоволително високо ниво, ревизијата исто така. Сите оштетувања кои ќе настанат при доградби, надградби, објекти еден до друг, настануваат заради премалото растојание кое се остава меѓу објектите“, вели доцент д-р Дарко Наков, Градежен факултет.
И за објектите на Водно институциите со став- изградени се според сеизмички стандарди и се безбедни. Но, поради густа поставеност на објектите опасност претставуваат можни свлечишта при земјотреси и поплави- велат експертите.
Сузана Фиданска- Стоевска
