Градинките и училиштата со редовна работа
Градинките и училиштата работат, но има и отсутни ученици. Настава не се одржува онаму каде што имаше штети од земјотресот. Средните училишта со инструкции за реакција во вакви случаи. Родителите и натаму во недоумица дали да ги пуштат децата на настава...

Малата Емили денеска беше редовно на училиште. Биле и нејзините другарчиња. Вели, само петмина од целиото одделение биле отсутни. По часовите дојде да ја земе нејзиниот дедо. Била на училиште и кога се случил првиот земјотрес вчера, но не се исплашила.
И родителите се обидуваат да реагираат смирено. Инструкции за реакција во случај на земјотрес добиле и во средните училишта. И таму денеска повеќето следеа редовна настава, но велат, првите десетина минути од часот, секој професор ги посветува на корисни совети за план за евакуација во случај на нови земјотреси.
Настава не се одржуваше онаму каде што училиштата и градинките имаат штети.
Најголема штета во централната зграда на градинката „Снежана“ се случила кога при земјотресот паднал болјерот, истекла водата од цевките и го оштетила подот. Од општина Чаир велат дека имаат план и за вакви ситуации.
Деновиве многумина родители беа во недоумица дали да ги пратат децата на настава или во градинка. Немаше генерална препорака па секој одлучуваше според сопствена проценка.
И покрај советите за смиреност потресите создадоа паника, особено кај оние кои не се чувствуваат безбедни во оштетените домови. Во близина на Американската амбасада никнаа населби под отворено небо.
Од ЦУК истакнуваат дека екипи од Институтот за инженерство и инженерска сеизмологија заедно со претставници од скопските општини, денеска и во наредните денови ќе направат увид во станбените згради и во останатите објекти за домување каде што се пријавени оштетувања за проценка на безбедност на објектот.
Во исто време апелираат до граѓаните на бројот 195 да се пријавуваат само потреби од проценка на безбедност на објектот, а не за проценка на штета за обесштетување.
Катерина Топалова
