Аселборн: Унгарија да се исфрли од ЕУ поради бегалците
На само неколку дена пред состанокот на 27-те земји членки во Братислава, на кој ќе се разговара за иднината на унијата, Аселборн за германскиот весник „Велт“ изјавил дека ЕУ не може да толерира прекршување на своите темелни вредности.

Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, смета дека Унгарија би требало привремено, па дури и трајно да се исклучи од Европската Унија главно поради нејзиниот став за бегалците но и за други прашања. На само неколку дена пред состанокот на 27-те земји членки во Братислава, на кој ќе се разговара за иднината на унијата, Аселборн за германскиот весник „Велт“ изјавил дека ЕУ не може да толерира прекршување на своите темелни вредности.
„Верувам дека Европската унија ќе преживее само ако сите членки покажат солидарност и одговорност. Ако овие два концепта се распаднат, тогаш ги губиме вредностите и суштината на унијата. За ова ќе се разговара на самитот во Братислава. Јас јасно кажувам дека овој проблем може да се реши“, вели Аселборн.
Аселборн истакна дека секој кој како Унгарија крева огради против бегалците од воените подрачја или ја прекршува слободата на печатот и независноста на правосудството треба привремено или трајно да биде отстранет од унијата.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто реагираше на овој предлог од Луксембург, нарекувајќи го надмен и арогантен. Ваквата изјава, вели, го исклучува Аселборн од групата политичари, кои треба да се сфаќаат сериозно.
Унгарскиот премиер Орбан вчера повторно остро ја критикуваше мигрантската политика на ЕУ, наведувајќи дека потегот на земјата да крене ограда кон Србија и Хрватска за да ги спречи мигрантите е доказ за неспособноста на Брисел.
Во Унгарија на 2 октомври ќе се одржи референдум за отфрлање на каков било иден план на ЕУ за преселување на мигрантите во рамки на земјите членки.
Марина Автовска
